Ivana Ramadanova
14 Февруари 2016•Ажурирај: 15 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Берт Kундерс, кој денес допатува во посета на Македонија, оствари средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, јавува Anadolu Agency (AA).
На средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, информираат од партијата, се разговарало за актуелната политичка состојба, односите помеѓу двете држави и интеграциските процеси важни за Македонија.
Во таа пригода Груевски го запозна својот соговорник со актуелната политичка состојба при што посочи дека престојните избори на 24-ти април се неопходни поради излез од наметната политичка криза и добивањето на стабилна влада, која е клучен елемент за продолжување на реформите и мерките насочени кон подобрување на стандардот на граѓаните како и справување со предизвиците поврзани со мигрантската криза. Лидерот на партијата, Груевски, изрази уверување дека за ВМРО-ДПМНЕ суштински важно е изборите на 24-ти април да бидат фер и демократски при што ќе биде испочитувана волјата на мнозинството граѓани.
Тој посочи дека граѓаните се тие кои ќе одлучат на изборите за иднината на земјата и дека изборите како такви се врвно демократско право, додавајќи дека и понатаму стратешка цел претставува членството во Европската Унија и НАТО како и примена на принципите и вредностите кои произлегуваат од оваа стратешка цел.
Инаку, Кундерс денес оствари средба и со заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, на која се разговараше за актуелната политичка ситуација во Македонија како и за мигрантската криза.
„Поради изборните измами и манипулации на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ започна политичката криза во Македонија. Со уште едни криминални избори кризата ќе се продлабочи“, рече заменик претседателката на СДСМ Шеќеринска.
Шекеринска на средбата со министерот за надворешни работи на Кралството Холандија истакна дека СДСМ инсистира на целосно исполнување на обврските од Договорот од Прижино и додаде дека без прочистување на Избирачкиот список и регулација на медиумскиот простор во Македонија не можат да се спроведат фер, демократски и слободни избори.
„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги исполни сите обврски од Договорот. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат преку медиумска кампања да ги дискредитираат независните институции коишто произлегоа од тој Договор. Ние веруваме во правдата, во еднаквоста на сите пред законите“, рече Шекеринска.
Во однос мигранската криза Шекеринска истакна дека потребни се системски решенија и поддршка за Македонија.
Кундерс по денешните средби со високите политички претставници и дел од лидерите на политичките партии, денес го посети и прифатниот транзитен центар во Гевгелија.
Тој и оддаде голема благодарност на Македонија во исполнувањето на обврските и одговорното однесување во справувањето со бегалската криза која е обврска на сите членки на ЕУ и земјите од Балканската рута.
„Македонија нема да биде жртва на бегалската криза. Затоа дојдов токму тука да ја поддржам Македонија. Тоа ќе го сторам и на идниот состанок што на оваа тема што ќе се одржи во четврток во Брисел” , посочи Кундерс.