Ayşe Sarıoğlu
05 Јануари 2016•Ажурирај: 06 Јануари 2016
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Турција како неприфатливи ги оцени нападите на дипломатските претставништва на Саудиска Арабија во Техеран и Машхад, јавува Anadolu Agency (AA).
"Нападите на дипломатските претставништва на Саудиска Арабија во Техеран и Машхад се неприфатливи. Дипломатските мисии мора да бидат заштитени во земјата во којашто се наоѓаат", се наведува во соопштението на турското министерство.
Властите на Саудиска Арабија во саботата наутро соопштија дека погубиле 47 лица осудени за тероризам во таа земја, а меѓу нив и тамошниот верски лидер на шиитското малцинство Нимр ал-Нимр. Иран остро го осуди овој потег на властите во Ријад, а во текот на протестот истиот ден во Техеран, запалена е саудиската амбасада и нападнат е конзулатот во Машхад.
Поради тоа, Саудиска Арабија ги прекина дипломатските а подоцна и економските врски со Иран. Истото го стори вчера и владата на Бахреин, додека Судан и Обединетите Арапски Емирати ги деградираа билатералните односи со Иран, на ниво на вршители на функцијата за дипломатски односи.
Загриженост за сегашната криза на релација Ријад - Техеран изразија Обединетите нации, Европската унија, САД, Велика Британија и многу други актери на меѓународната заедница. Турција, Кина и Франција повикаа на смирување на тензиите, а Русија изрази подготвеност да ги искористи добрите односи со двете земји и да посредува во решавањето на кризата.