Ayhan Şimşek
25 Септември 2017•Ажурирај: 26 Септември 2017
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел денес истакна дека има намера да одржи преговори со ривалските социјалдемократи, Слободната демократска партија (ФДП) и со гeрманските Зелени во врска со можностите за формирање стабилна коалициона влада, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на прес-конференцијата во седиштето на нејзината партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во Берлин, Меркел го отфрли претходниот избор откако двајца потенцијални партнери, ФДП и Зелените, не се заинтересираа за трипартиска коалиција.
„Се разбира дека ќе бараме разговори и со ФДП и со Зелените, но би сакала да ја додадам и СПД“, рече Меркел, додавајќи дека е важно земјата да добие стабилна, добра влада.
Конзервативниот блок на Меркел, ЦДУ/ЦСУ, го освои четвртиот последователен мандат на федералните избори во неделата, но не успеа да обезбеди целосно мнозинство во германскиот парламент, Бундестагот.
Иако Меркел истакна дека тие се отворени кон сите можни опции за коалицирање, освен партнерство со екстремната десница Алтернатива за Германија (AfD) или со социјалистичката Левичарска партија, Социјалдемократите досега се спротивставија на уште една голема коалиција со нејзините христијански демократи.
Лидерот на СПД, Мартин Шулц, дополнително го зајакна своето противење за голема коалиција со блокот ЦДУ/ЦСУ, откако вчера претрпе историски пораз.
Говорејќи на прес-конференцијата денес во Берлин, Шулц истакна дека резултатите од изборите значат дека гласачите ја отфрлиле можноста за уште една голема коалиција, и ѝ ја дадоа улогата на СПД како главна опозиција.
„СПД нема да влезе во ниту една голема коалиција“, рече Шулц, и понатаму нагласи дека сојузот ЦДУ/ЦСУ, ФДП и Зелените имаат слични ставови и лесно можат да формираат трипартиска коалиција.
Блокот ЦДУ/ЦСУ на Меркел и СПД, кои ја формираа досегашната голема коалиција, ги добија најлошите изборни резултати од крајот на Втората светска војна.