Ayhan Şimşek
22 Јануари 2019•Ажурирај: 23 Јануари 2019
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел денес изјави дека новопотпишаниот Договор за интензивна билатерална соработка на Германија и Франција ќе ја направи Европа посилна и ќе го олесни процесот на формирање војска на Европската Унија, јавува Anadolu Agency (AA).
Церемонијата на потпишување на германско-францускиот договор е одржана денес во Ахен, а канцеларката Меркел во обраќањето кон присутните ја истакна приврзаноста кон целта за воспоставување силна, способна и суверена Европа.
Таа изјави дека Германија и Франција со новиот договор ќе ја интензивираат соработката во областа на одбраната и тоа со развој на заедничка воена култура, одбранбена индустрија и заеднички извоз на оружје.
„На тој начин ќе придонесеме на развојот на нова европска армија. Во тоа ќе успееме само со координација на нашите надворешни политики“, порача Меркел.
По повод 56. годишнина од потпишувањето на Елисејскиот договор, со кој Франција и Германија воспоставија односи и ставија крај на непријателствата, денес Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон го потпишаа Ахенскиот договор.
Новопотпишаниот договор на 16 страници предвидува значително поинтензивна економска, надворешнополитичка и воена соработка, како и план на т.н. Eвропска одбранбена унија.
Изразувајќи полна приврзаност кон НАТО, официјални Берлин и Париз ветија секаков вид помош, во случај некој од нив да биде воено нападнат.
Како лидери на Европската Унија, Франција и Германија во новиот договор додатно се обврзуваат дека ќе работат на јакнење на оваа организација и дека редовно меѓусебно ќе се консултираат пред сите состаноци на ЕУ.