Kemal Karadağ
25 Октомври 2016•Ажурирај: 26 Октомври 2016
АНКАРА (АА) – Министерот за правда на Турција, Бекир Боздаг, во врска со барањата за испорака на лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен на Турција, истакна дека испратените документи до САД содржат повеќе од потребното. „Неиспорачувањето на Ѓулен или продолжувањето на периодот на неговата испорака, ќе влијае негативно на односите меѓу Турција и САД. Ние не сакаме поради еден терорист, да дојде до нарушување на односите меѓу двете земји“, изјави министерот Боздаг, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред полетувањето за САД, министерот Боздаг на аеродромот „Есенбога“ даде изјави во врска со претстојната средба со министерката за правда на САД, Лорета Линч, во врска со испораката на Фетула Ѓулен, основачот и лидер на ФЕТО, организатор и координатор на обидот за државен удар на 15 јули во Турција.
Министерот Боздаг истакна дека за време на средбите ќе бидат претставени очекувањата на Турција од САД, значењето на испораката на Ѓулен, и колку е чувствителна таа тема за Турција.
„Она што е Осама Бин Ладен за САД, истото е Фетула Ѓулен за Турција“, рече Боздаг.
„Имаме многу јасна ситуација. Станува збор за човек кој е замешан во многу настани во Турција. Последни се оние во кои поради неговите наредби, животот го загубија 241 граѓанин на Турција, а 2.194 лица беа ранети. Тоа е човекот кој живее во Пенсилванија, САД и од таму продолжува да управува со терористичката организација“, изјави Боздаг.
Министерот Боздаг потсети дека претходно до САД испратиле 4 документи во врска со обидот за државен удар и барање за привремен притвор, и истакна дека на средбата со министерката за правда на САД, Линч, ќе има можност на високи официјални претставници од прва рака да им ја презентира чувствителноста на Турција во врска со испораката на лидерот на ФЕТО.
- „Испратените документи содржат повеќе од потребното“ -
Во врска со испратните документи поврзани со барањето за испорака на Ѓулен, Боздаг изјави:
„Според нас, во испратените документи има докази за испорака на терористот Фетула Ѓулен повеќе од потребното. Во споредба со документите што на Турција ѝ се испраќани со барања за привремен притвор, не само од САД, туку и од другите земји, документите на Фетула Ѓулен се најпотполни и автентични. Според условите што ги поставува договорот за испорака меѓу САД и Турција, станува збор за шест полни папки, кои се повеќе од потребното“.
Министерот Боздаг истакна дека претходно САД покажале желба за блиска соработка со Турција, потсетувајќи дека експерти од Министерството за правда на САД ја посетиле Турција. „Се надевам дека ќе донесат одлука што ќе одговара на договорот меѓу Турција и САД и ќе ги исполнува очекувањата на Турција“, изјави министерот за правда на Турција, Боздаг.