Barış Gündoğan
03 Ноември 2016•Ажурирај: 04 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за труд и социјална безбедност, Мехмет Музеиноглу, денес во Анкара изјави дека во 2017 година, во јавниот сектор на Турција ќе бидат остварени 60 илјади нови работни места, јавува Anadolu Agency (AA).
Муезиноглу беше гостин на денешниот уреднички колегиум на АА во Анкара, каде што одговараше на прашањата на новинарите и уредниците на АА од сите делови на светот.
Во рамките на истрагата против терористичката организација ФЕТО, одговорна за обидот за државен удар на 15 јули, во Турција беа суспендирани голем број вработени во јавниот сектор.
Министерот Муезиноглу изјави дека во 2017 година ќе биде остварен значаен број нови работни места.
„Во 2017 година, во јавниот сектор ќе бидат остварени 60 илјади нови работни места. Тие претежно ќе се однесуваат на министерствата за образование и за здравство, како и на полицијата“, изјави Муезиноглу.
Во врска со истрагата против терористичката организација ФЕТО, Муезиноглу истакна дека во наредниот период, во јавниот сектор нема да има шанса да се вработи некој што има намера да ѝ наштети на државата и на народот на Турција.
„Да биде платен со парите на народот и покрај тоа да биде предавник. Тоа веќе никој не ќе може да го стори. Нивното чистење започна на 16 јули, со прогласувањето вонредна состојба“, изјави Муезиноглу, и додаде дека сигурно е јасно дека зад обидот за државен удар се крие ФЕТО и лидерот на движењето, Ѓулен.
Министерот Муезиноглу се осврна и на дискусиите за воведувањето претседателски систем во земјата, а во врска со изјавите на одредени турски политичари дека претседателскиот систем со себе носи ризик од поделба, Муезиноглу порача дека тој ризик постои повеќе во парламентарниот систем.