Dildar Baykan
04 Септември 2017•Ажурирај: 05 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Во подрачјата во коишто војската на Мјанмар и будистичките националисти изведуваат напади, Владата на Аракан не дозволува да влезат претставниците на Обединетите нации и на останатите меѓународни хуманитарни организации кои сакаат до загрозените цивили да достават хуманитарна помош, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави весникот „The Guardian“ (Гардијан), во подрачјето каде што сѐ уште траат нападите, Владата на Мјанмар ги спречува активностите на сите институции што се дел од Обединетите нации и други 16 меѓународни организации.
Во соопштението што го издаде канцеларијата на ОН за координација во Мјанмар се наведува дека е откажана испораката на храна и медицински материјали во споменатото подрачје, истакнувајќи: „Безбедносната состојба во околината и владините посети на теренот нѐ спречија во испораката на хуманитарната помош“.
Во соопштението се вели дека хуманитарна помош не се испорачува од 25 септември, откако започнаа нападите и врз камповите во коишто беа сместени повеќе од 100.000 раселени аракански муслимани.
„Обединетите нации се во контакт со одговорните лица, со цел повторно да започнат активностите за достава на хуманитарна помош“, се вели во соопштението од канцеларијата на ОН.
Во истото соопштение се наведува дека во останатите делови од Аракан продолжуваат активностите за достава на хуманитарна помош.
Пјер Перон, портпарол на канцеларијата за хуманитарни работи на ОН во Мјанмар, изјави: „Организациите за хуманитарна помош се длабоко загрижени за судбината на илјадници луѓе кои се затекнати од насилствата што продолжуваат во северниот дел на Аракан.
Портпаролот Перон истакна дека треба итно да се обезбеди сигурност за цивилите во подрачјето во коешто нападите се во тек и да се овозможи проток на храна, вода, сите видови здравствени услуги, како и да се обезбедат засолништа за загрозените.
„Хуманитарната помош во нормални услови се доставуваше до овие беспомошни и сиромашни луѓе, во рамките на добрата волја, бидејќи тие зависеа од неа. Потребно е колку што е можно побрзо да се преземат мерки со коишто на беспомошните луѓе во Аракан ќе им се обезбеди испорака на хуманитарна помош“, рече портпаролот Перон.
Освен тоа, Високиот комесар за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), Фондот за население на ОН (УНФПА) и Фондот на Обединетите нации за помош на деца (УНИЦЕФ) соопштија дека повеќе од една недела не можат да ги вршат своите операции на теренот во северниот дел на Аракан, истакнувајќи ја својата загриженост поради загрозеноста на луѓето во подрачјето.
Од друга страна, покрај организациите на ОН, и други меѓународни хуманитарни организации како што се „Oxfam“ (Оксфам) и „Save the Children“ (Спасете ги децата) соопштија дека се принудени да ги запрат своите активности на теренот, бидејќи Владата на Мјанмар не дозволува пристап во подрачјата на судирите.
Претставниците на Светската програма за храна претходно за АА изјавија дека од безбедносни причини, на неопределен рок се откажани активностите за доставување храна во Аракан.
- Продолжува палењето на селата во северниот дел на Аракан
Во исто време, припадниците на војската и националистичките будисти синоќа ги запалија селата Мунг На Ма, Вапранг, Мазавр Фара и Шил Кали, кои се наоѓаат во подрачјето на градот Мунгдау, а фотографии и видеа од случувањата се објавени на социјалните мрежи.
Според податоците до коишто дојде АА преку мрежата организации за цивилна заштита на Рохинга муслиманите во Аракан и од локални извори, во пожарите се уништени од 600 до 800 куќи.
Под изговор за борба против вооружените милитанти, во нападите на војската на Мјанмар, кои се во тек, последнава недела животот го загубија голем број аракански муслимани. Нападнати се над 60 села, од кои десетици се запалени, по што повеќе десетици илјади муслимани од Аракан беа принудени да го напуштат подрачјето.
Цивилите се обидуваат, по копно и море, да преминат од Мјанмар во Бангладеш. ОН соопштија дека досега 73.000 муслимани од Аракан преминале во Бангладеш, но уште десетици илјади чекаат во граничното подрачје.
Не може со точност да се одреди бројот на убиените, бидејќи Владата на Мјанмар не дозволува да влезат претставници на меѓународните организации во земјата.
Невладините организации од Аракан соопштија дека бројот на убиените цивили е поголем од 1.000, а пак други тврдат дека станува збор за илјадници убиени цивили.