Fuat Kabakçı
04 Септември 2017•Ажурирај: 05 Септември 2017
ПЕКИНГ (АА) - Претседателот на Кина, Си Ѓипинг, изјави дека земјите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република) треба да изнесат заеднички став кога станува збор за меѓународниот мир и развој, јавува Anadolu Agency (AA).
Во кинескиот град Сјамен се одржува 9. Самит на лидерите на БРИКС, во чии рамки се одржа и тркалезна маса. На програмата ѝ претходеше заедничка фотографија на претседателот на Кина, рускиот претседател Владимир Путин, претседателот на Јужна Африка, Џејкоб Зума, премиерот на Индија, Нарендра Моди, и претседателот на Бразил, Мишел Темер.
Лидерите потоа присуствуваа на состанок на којшто се обрати Си, кој зборуваше за глобалната економија и за трговскиот протекционизам.
Кинескиот претседател Си изјави дека поради длабоките и сложени промени, соработката меѓу земјите на БРИКС добила поголемо значење.
„Без нашето учество, глобалните проблеми не можат да се решат на ефикасен начин. БРИКС треба здружено да го искаже своето постоење и решение кога станува збор за областите што се однесуваат на меѓународниот мир и развој. Економската глобализација би требало да ја доведеме во состојба којашто е отворена, сеопфатна, избалансирана и корисна за сите земји. Би требало да ги поддржиме светската економија и режимот на повеќестрана трговија, а да се спротивставиме на протекционизмот“, изјави Си.
Кинескиот претседател смета дека меѓународниот поредок треба да биде непристрасен и оти земјите од БРИКС треба да заземат поголема улога во глобалното управување.
Тој изјави дека Кина ќе додели 500 милиони јуани (76 милиони долари) за промена и соработка меѓу земјите од БРИКС, во областите економија и технологија, како и четири милиони долари на Новата развојна банка (НДБ), за поддршката на нејзината долгорочна работа.
Си вчера се состана со Путин, а денес со Зума. Се очекува кинескиот претседател да има и тет-а-тет состанок со лидерите на Бразил и на Индија.
Самитот го следат повеќе од 3.000 медиуми, од 80 земји на светот и регионот.