Kristina Maslareviç
03 Март 2016•Ажурирај: 04 Март 2016
БЕЛГРАД (АА) - Хашкиот обвинет и претседател на Српската радикална странка, Воислав Шешељ, по повод повикот за сослушување од Одделението за воени злосторства при Вишиот суд во Белград, во врска со барањето на Хашкиот трибунал за негово испорачување, рече дека ќе се одзвие на поканата на Судот но нема доброволно да се врати во Хаг, јавува Anadolu Agency (АА).
„Со одзивот на поканата на Судот во Белград, нема да бегам, но нема доброволно да одам во Хаг”, рече Шешељ и додаде дека ќе бара да му се овозможи јавно изнесување на доказите затоа што неговото испорачување во Хаг е противправно.
Одговарајќи на прашањето што ќе биде доколку дојде до постапка за испорачување, Шешељ рече дека ќе даде пасивен отпор.
„Ќе мора да ме носат на аеродром, нема да се тепам со полицијата, а ако јас бидам тепан од полицијата ќе најдам начин тоа да ви го дојавам”.
Тој додаде дека сегашната власт во Србија е на тешки маки по прашањето на неговото испорачување во Хаг како и дека премиерот Александар Вучиќ е свесен што би значело тоа за него, но дека не знае како ќе реагира премиерот.
Хашкиот суд побара во мај минатата година Шешељ повторно да се уапси и испорача во Хаг, а Вишиот Суд во Белград треба да реши за исполнувањето на условите за неговото испорачување. Како што соопшти Хашкиот тибунал, пресудата поради која се бара испорачување на Воислав Шешељ ќе биде изречена на 31-ви март.
Меѓународниот крвичен суд за поранешна Југославија, во јануари 2003 година, го обвини Воислав Шешељ за поттикнување злосторства против човештвото и за кршење на законот и начинот на војување на подрачјето на Хрватска, Босна и Херцеговина и Војводина во периодот од 1991 до 1993 година.
Доброволно се предаде на Хашкиот трибунал на 24-ти февруари 2003 година, каде што судењето го чекаше во притвор четири и пол години, до ноември 2007 година.
Со Одлуката на Судскиот совет на Хашкиот трибунал, во ноември 2014 година, пуштен е на привремена слобода до изрекувањето на пресудата, како што е наведено, од хуманитарни причини, односно поради лечење како резултат на влошената здравствена состојба.