Zülfiya Yakup
28 Февруари 2016•Ажурирај: 29 Февруари 2016
ПРИШТИНА (АА) - Косовската полиција соопшти дека се оштетени канцелариите на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), партијата на премиерот Иса Мустафа, во повеќе региони на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Непознати лица синоќа ги скршиле стаклата на двете канцеларии на ДСК во Приштина, канцеларијата во Урошевац, Гњилане, Источк, Пеќ и Ѓаковица, додека ова утро беше скршено стаклото на канцеларијата во Митровица.
Полициски единици излегоа на терен и ги преземаа сите неопходни активности за брзо расветлување на овие случаи како и за пронаоѓање на сторителите на овие дела. Демократскиот сојуз на Косово синоќа остро го осуди нападот врз канцелариите на ДСК низ цело Косово, како и врз главното седиште во Приштина.
ДСК смета дека овие акти се дело луѓето кои на секој можен начин „се обидуваат земјата да ја вовлечат во хаос и анархија, напаѓајки ги со молотови коктели јавните институции, приватните имоти, палење на возилата на семејствата на претставниците на институции а сега ги нападнаа канцелариите на партијата која ја изгради оваа земја”.
Демократскиот сојуз на Косово ги повика политичките опозициски партии да престанат со дискурсот на навреди и поттикнување на кривични насилни дела. ДСК, исто така, ги повика властите да го расветлат случајот со нападите врз канцелариите на таа партија.