Alma Çekovic
29 Февруари 2016•Ажурирај: 01 Март 2016
АТИНА (АА) - Земјите од Европската унија треба да соработуваат со цел да најдат решение за проблемот со бегалската криза и да се избегнат меѓусебните обвинувања, изјави министерот за надворешни работи на Германија, Франк Валтер Штајнмаер, пренесува Anadolu Agency (AA).
Последните неколку недели земјите членки на Европската унија почнаа да изразуваат несогласување за начинот на справување со приливот на стотици илјади бегалци кои бегаат од војната на Блискиот Исток и од другите делови на светот.
„Мораме да се бориме за Европа. Мораме да престанеме да се обвинуваме едни со други. Напротив, мораме да ги обединиме силите и да соработуваме за европско решавање на бегалската криза. Ова е единствен начин Европа од оваа криза да излезе посилна”, изјави Штајнмаер во интервју за грчкиот дневен весник "Ta Nea".
Грција, чии острови се првата европска точка на која пристигнуваат бегалците, е преплавена со бегалци и мигранти по заострените контроли на границите долж балканската рута. Австрија минатата недела организираше самит на балканските земји чија тема беше бегалската криза, но не ја покани Грција, која поради тоа го повика својот амбасадор од Виена на консултации.
Штајнмаер истакна дека унилатералните потези на земјите од ЕУ не можат да придонесат кон одржливо решение на проблемот и додаде дека е потребен заеднички курс.
„Ниедна страна нема корист кога внатре во ЕУ една земја обвинува друга. Така не напредуваме ниту еден чекор кон решавањето на бегалската криза. Расколот кој се формира сега мора повторно, со голем труд, да се затвори”, истакна шефот на германската дипломатија, пренесуваат агенциите.