ЛОНДОН (АА) - Британскиот и францускиот министер за внатрешни работи се согласија да ги интензивираат напорите за ставање крај на преминувањата на илегалните мигранти во Велика Британија од брегот на Франција, јавува Anadolu Agency (AA).
Договорот за интензивирање на напорите дојде кратко време откако шест Иранци беа пронајдени на плажа во близина на Дел во Кент (Велика Британија) во неделата, бидејќи бројот на оние што успеаја да го преминат опасниот канал Ла Манш од Божиќ достигна речиси 100, повторно ставајќи ги мигрантите во центарот на вниманието и предизвикувајќи национална итна состојба во Обединетото Кралство.
Саџид Џавид и Кристоф Кастанер оваа недела ќе презентираат акционен план за зголемување на патролите и размена на разузнавачките информации, со цел да се стави крај на илегалното криумчарење луѓе.
Џавид, кој го прекина семејниот одмор во Јужна Африка поради мигрантите кои стигнаа до крајбрежјето на Велика Британија, се очекува денес да претседава со состанокот со високи претставници на граничната служба, Националната агенција за борба против криминалот и други органи.
Многумина од мигрантите што се обидуваат да стигнат до британско тло се од Иран и од Сирија.
Според „Би-би-си“ (BBC), од ноември над 220 лица се обиделе да го преминат каналот Ла Манш со мали чамци.
- Критики -
Опозициската Лабуристичка партија ги обвини конзервативците дека поттикнуваат загриженост за прашањето на имиграцијата пред претстојното гласање за договорот за повлекување на Велика Британија од ЕУ во Долниот дом на британскиот Парламент.
Министерката за внатрешни работи во сенка од редот на Лабуристите, Дајан Абот, ја обвини Владата за експлоатирање на ова прашање.
„Нема никакво сомнение дека со Брегзитот, но и со приближувањето на значајното гласање во јануари, населението да се „разгорува“ околу прашањата за миграцијата, бидејќи Владата смета дека ова е најдобриот начин за застрашување на луѓето да гласаат за нивниот договор“, рече Абот.
„Тоа е техника на [Најџел] Фараж - „орди“ на луѓе кои се обидуваат да влезат во земјата. Вие ги заплашувате луѓето во врска со тоа.“
Во текот на периодот на референдумската кампања во 2016 година, Кампањата „Заминување“ - предводена од тогашниот лидер на британската Партија за независност (UKIP), Најџел Фараж - користеше големи постери на имигранти и антимиграциски слогани.
Кампањата „Заминување“, исто така, тврдеше дека милиони турски граѓани ќе мигрираат во Велика Британија, доколку земјата продолжи да биде членка на Европската Унија (ЕУ).
- Распоредување на Војската -
Британскиот секретар за одбрана, Гевин Вилијамсон, за локалните медиуми истакна дека е можно во Ла Манш да бидат распоредени бродови на Британската морнарица.
„Досега сѐ уште немаме барања, но доколку на Министерството за внатрешни работи му е потребна поддршка од вооружените сили, тогаш нашата морнарица, воздухопловните сили и војската се подготвени да помогнат“, изјави Вилијамсон за „Сандеј телеграф“ („Sunday Telegraph“).
„Имаме должност да пружиме рака на хуманост, поддршка и пријателство кон луѓето кои се во опасност и бараат безбедно место“, напиша лидерот на Лабуристите, Џереми Корбин, на Твитер.
- Политиката на Велика Британија -
Имиграцијата во Велика Британија стана контроверзно прашање кое често беше експлоатирано од страна на екстремно десничарските организации и заговарачите на Брегзит.
Според официјалните податоци, оваа година има 74.000 повеќе граѓани на ЕУ кои влегле во Велика Британија од граѓаните кои заминале во други земји на ЕУ.
Ова е најниската процена за имиграцијата на ЕУ од 2012 година и најниското ниво на имиграција од 2014 година поради големата несигурност поради Брегзит.
Но, според податоците на Канцеларијата за национална статистика, вкупната миграција од земјите што не се дел од ЕУ достигна највисока стапка од 2004 година, односно 248.000 лица.
Велика Британија вети дека ќе прифати 20.000 сириски бегалци до 2020 година, откако Европа се соочи со бран мигранти во 2015 година.
- Бегалците низ светот -
Според бројките обезбедени од Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), Турција е домаќин на над 3,5 милиони бегалци. Ова е најголем број на бегалци што една земја ги има згрижено во светот.
Повеќето од бегалците згрижени во Турција избегаа од Сирија, во која во 2011 година започна граѓанска војна.
Според податоците на ОН, по Турција следуваат Пакистан и Уганда, кои згрижија по 1,4 милиони бегалци.