Yusuf Özcan
01 Декември 2021•Ажурирај: 02 Декември 2021
ПАРИЗ (АА) - Eкстремно десничарскиот новинар и писател Ерик Земур, кој се кандидира за претседател на Франција, ги повика муслиманите во земјата да се асимилираат, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Земур, во изјава за телевизискиот канал „ТФ1“ (TF1), истакна дека ако победи на претседателските избори што ќе се одржат во април 2022 година, ќе биде претседател на Французите и на „француските муслимани“.
„За разлика од другите, јас не правам разлика меѓу исламот и исламизмот. Тоа е иста работа. Но јас правам разлика помеѓу исламот и муслиманите. Ги повикувам сите муслимани да се асимилираат и да одбијат да го практикуваат исламот, кој наметнува правна и политичка власт“, нагласи Земур, додавајќи дека зборовите искажани за Евреите во 1789 година „Не смееме ништо да им дадеме на Евреите како нација, ние мора да им дадеме сѐ на Евреите како поединци“, важат и за муслиманите.
Земур, исто така, истакна дека тој е претседателскиот кандидат кој најдобро ги брани правата на жените.
Екстремниот десничар Земур, со видеото што го сподели на своите профили на социјалните мрежи, ја објави својата кандидатура за претседателските избори.
Првиот круг од претседателските избори во Франција ќе се одржи на 10 април 2022 година. Доколку некој од кандидатите не може да добие апсолутно мнозинство во првиот круг, двајцата кандидати со најмногу гласови ќе се натпреваруваат во вториот круг што ќе се одржи на 24 април.
- Земур е казнет парично поради неговите изјави кои предизвикуваат омраза -
Екстремно десничарскиот новинар и писател, кој брзо се искачи на анкетите пред да ја објави својата кандидатура за изборите, се издвојува како ултраконзервативен, антиисламист и антимигрант, националист и човек што го прифаќа менталитетот на нација-држава.
Земур, кој е роден во Париз во 1958 година во еврејско семејство со алжирско потекло, беше казнет со 3.000 евра во септември 2019 година за неговите изјави што поттикнуваат омраза кон муслиманите искажани во една телевизиска програма.
Судот пресуди дека изјавите на Земур содржат дискриминација. Тој во програмата тврдеше дека муслиманите треба да избираат меѓу исламот и Франција, и дека муслиманките кои носат марами во предградијата сакаат да воспостават исламска доминација во земјата.