Ivana Ramadanova
26 Јули 2016•Ажурирај: 27 Јули 2016
СКОПЈЕ - По повод одбележувањето на 53 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, официјални делегации и делегации на повеќе институции денеска положија цвеќе на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на загинатите во 1963 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Во спомен на жртвите во катастрофалниот земјотрес, свежо цвеќе положија официјалната делегација на Градот Скопје, составена од градоначалникот Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, делегацијата на Владата на Република Македонија, делегација на Собранието на Република Македонија, делегација на Советот на Град Скопје, делегација од Министерството за одбрана на РМ, делегации од политичките партии, делегации од сите општини на Град Скопје и делегации од здруженија на граѓани и други организации.
Цвеќе положија и делегации на јавните претпријатија и културните установи на Град Скопје и членовите на Црвениот крст, како и припадници на други јавни институции од земјава.
На денешен ден, пред точно 53 години, во раните утрински часови, околу 5:17 часот се случи катастрофалниот земјотрес во Скопје кој однесе многу човечки животи, уништи голем дел од инфраструктурата, но ја подигна светската солидарност на високо ниво.
Земјотресот беше со јачина од 9 степени според Меркалиевата скала, односно 6,1 според Рихтер. Во тоа кобно утро, кога поголемиот дел од жителите беа во длабок сон, околу 1.100 жители никогаш не се разбудија, најмалку 3.000 беа повредени. Околу 200.000 лица останаа без покрив над главата. Оваа природна катастрофа е најголемата во македонската историја.
Овој настан го направи Скопје град на солидарноста, затоа што вкупно 87 нации во светот испратија некаков вид на помош за градот и за настраданите. Во екот на студената војна, во Скопје се сретнааа советските и американските воени сили, кои рамо до рамо им помагаа на граѓаните што останаа под урнатините.
Денеска градот Скопје прерасна во еден голем и убав, модерен град, во кој единственото нешто што остана да сведочи за немилиот настан се стрелките на големиот часовник на Железничката станица, кои и ден-денес стојат на 5 часот и 17 минути, кобниот момент за граѓаните на Скопје. Тука денес се наоѓа Музејот на градот и симболот на катастрофата.