Ekipa
08 Август 2016•Ажурирај: 08 Август 2016
КАРАЧИ (АА) - Локалните медиуми објавија дека најмалку 53 лица загинаа, а десетици се повредени во силна експлозија која одекна денес во државната болница во Кета, во југозападниот дел на Пакистан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Официјалниот претставник на полицијата Захор Ахмед Aфриди изјави дека експлозијата се случила откако во државната болница било префрлено телото на познатиот пакистански адвокат, убиен во вчерашното пукање, иако не прецизираше дали двата настана се некако поврзани.
Поголемиот дел од убиените и повредените се адвокати, изјави Анвар Ул-Хак, портпаролот на Владата на покраината Балуџистан, а пакистанските медиуми информираа дека меѓу жртвите има и сниматели.
Полицијата претходно соопшти дека во нападот загинале 42 лица.
Сведоци за АА изјавија дека бомбата експлодирала во време кога неколку десетици адвокати и новинари се собрале на влезот од зградата за итни случаи.
Сè уште никој не ја презеде одговорноста за нападот, но портпаролот на Владата во покраината Балуџистан, изјави дека очигледно се работи за самоубиствен напад и дека истрагата е во тек.
Сарфраз Буги, провинцискиот министер за внатрешни работи го осуди нападот како „акт на тероризам”.
Пакистанскиот премиер Наваз Шариф го нарече нападот кукавички чин и вети дека неговата влада и безбедносните сили ќе продолжат со напорите да ги поразат милитантите во земјата.