Ekipa
21 Декември 2017•Ажурирај: 21 Декември 2017
РАМАЛА (АА) - Кабинетот на претседателот на Палестина го поздрави усвојувањето на нацрт-резолуцијата за Кудс на Генералното собрание на ОН, со кој е отфрлена одлуката на САД за признавање на Ерусалим (Кудс) за главен град на Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
„Одлуката јасно покажува дека меѓународната заедница е со палестинскиот народ, со што покажаа и дека не потклекнале пред заканите и уцените“, изјави портпаролот Набил Абу Рудеина.
Тој додаде дека одлуката на Генералното собрание на ОН покажува оти палестинското прашање има силна поддршка од меѓународната заедница.
„Одлуките донесени некаде на друго место не можат да ја променат реалноста дека, според меѓународното право, Кудс е окупирана територија“, изјави Абу Рудеина.
Тој нагласи дека палестинските челници во наредниот период ќе продолжат со потребните активности во ОН и другите меѓународни организации за конечно да се стави крај на окупацијата.
„Ќе продолжиме со напорите во ОН за да формираме наша држава Палестина со Источен Кудс како главен град“, изјави Абу Рудеина, изразувајќи благодарност до сите земји кои ја поддржаа резолуцијата на Генералното собрание на ОН.
„Покажаа јасна политичка волја и покрај притисокот кој е извршен врз нив“, истакна Абу Рудеина.
Од движењето Хамас порачаа дека резолуцијата претставува силен удар за Трамп и неговата одлука за Ерусалим (Кудс).
„Оваа одлука на Генералното собрание на ОН е чекор во вистинска насока, победа за правата на Палестинците, но и удар за Трамп“, изјави портпаролот на Хамас, Фавзи Бархоум.
Нацрт-резолуцијата, кој ја критикува одлуката на Трамп за Ерусалим (Кудс), прифатена е на заседанието на Генералното собрание на ОН (ГС на ОН) со 128 гласови за, додека против беа 9 земји.
Против нацрт-резолуцијата за Кудс гласаа САД, Израел, Гватемала, Хондурас, Маршалските Острови, Микронезија, Науру, Того и Палау, додека 35 земји беа воздржани.
Со ова земјите-членки, и покрај заканите на САД, силно ја осудија одлуката на Трамп за Кудс.
Во споменатата резолуција се наведува дека е неважечка секоја одлука и акција која ќе го измени статусот, карактерот и демографскиот состав на Кудс.