СКОПЈЕ (АА) – АДМИР ФАЗЛАГИЌ
Политичкиот аналитичар Тодор Пендаров во разговор за Anadolu Agency (AA), говореше за актуелната политичка состојба во Република Македонија, можните сценарија за излегување од политичката криза, како и за односите меѓу земјите на Балканот, низ призма на влијанието на големите сили.
- Лавиринтот на политичката криза: Од политичка до можна безбедносна криза -
Аналитичарот Пендаров вели дека политичката криза веќе не е само политичка, туку и институционална, искажувајќи можност доколку истатата продолжи можно е да дојде и до безбедносна криза.
„До изборите имавме политичка криза, а сега имаме институционална криза и да се надеваме дека нема да имаме и безбедносна криза, оти така се развиваат кризите секаде", објаснува тој изразувајќи надеж дека кај политичките елити ќе се разбуди одговорноста и нема да дојде до тоа.
Наведува дека е тешко да се одговори каков понатамошен развој ќе имаат политичките случувања во земјата, поради како што вели, оние класични алатки со кои се прават анализи во една нормална држава, во Македонија тешко се применливи во сегашните околности.
Според неговото мислење, за да не дојде до поголема неизвесност на политичката сцена, претседателот Иванов, на самиот почеток по завршувањето на изборите требало да ги покани сите политички лидери и да ја понуди онаа формула, она сега што го бара, мандатарот пред да му биде даден мандатот да има обезбедно парламентарно мнозинство, наведувајќи неколку слични примери од регионот.
„Таков пример неодамна имавме во Хрватска. Претседателката на Хрватска пред да додели мандат таа ги покани лидерите на политичките партии, рече мандат да добие оној кој ќе донесе парламентарно мнозинство. Кај нас тоа не се случи, сега тоа се бара и создава незадоволство”, вели Пендаров, додавајќи дека експертите по уставно право се со став дека со тоа се крши Уставот и се создава селективен однос на политичките партии.
Се надева дека ќе се разбуди одговорноста кај политичките лидри и оти тие ќе го направат она што од нив го бара претседателот. Наведува дека доколку не се случи тоа, тогаш останува во игра и варијантата да се оди на нови избори.
„Ние имаме уште еден институционален проблем, немаме Парламент. Ние во моментот имаме 120 пратеници на кои им е верификуван мандатот. Според Уставот на Република Македонија, Парламентот е конституиран во оној момент, после верификација на мандатите, кога ќе биде избран и претседателот на Парламентот. Без тоа, парламентот во суштина е некаде на половина пат од своето конституирање, затоа што според Уставот само парламентот може да се самораспушти”, вели Пендаров.
- По изборот на Трамп, имаме нова состојба на меѓународната политичка сцена -
Коментирајќи ја меѓународната политичка сцена, тој смета дека по изборот на Трамп за претседател на САД постои една нова состојба на меѓународната политичка сцена.
Во прилог на оваа теза, како што вели, одат изјавите со кои Трамп настапуваше и во предизборието и првите мерки што ги повлекува како претседател, на како што вели најмоќната држава.
„Се гледа дека САД менуваат нешто во својата надворешна политика. Мене лично тоа ми личи на јакнење на американскиот протекционизам, а од друга страна мислам дека Трамп води политика која делумно потсетува на политиката на Вудворд Вилсон по Првата светска војна, тоа е еден вид изолационизам, барем до Европа".
Неговото мислење е дека Трамп никогаш нема да се откаже од одредени глобални интереси што ги имаат Американците, посебно, Латинска Америка, Далечниот Исток, односно Азија.
Тој е со став дека постојат индиции оти руската актуелна политика оценила дека сега е момент да го прошири своето влијание на Балканот, а во исто време потсетува и на договорот за стратешко партнерство помеѓу Република Македонија и САД.
„Се надевам дека Американците нема да се откажат од тој договор. Тоа не значи дека не треба да имаме никакви односи со Русите. Треба да имаме високоразвиени односи. Таа е значаен партнер во секој поглед”, наведува Пендаров.
- „Русија сака поголемо влијание во Македонија и регионот" -
Соопштението од Министерството за надворешни работи на Русија во врска со политичката криза во Македонија и последните одржани предвремени парламентарни избори го сфаќа како обид за поголемо влијание на Русија во Македонија и во регионот.
Осврнувајќи се на писмото на американските конгресмени до амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, во кое тие ја критикуваат неговата работа и како што наведуваат, активностите преземени околу последните превредемени парламентарни избори во Македонија, после што следеше изјава на портпаролот на Стејт департментот во која беше изразена поддршката на американскиот амбасадор, Пендаров објаснува дека за работата на амбасадорите треба да реагира МНР, а не политичка партија без оглед дали е дел од власта или опозицијата.
„Смешно е партија да се жали на однесување на еден амбасадор. Ако еден амбасадор ги поминува границите на Виенската конвенција, тогаш реагира МНР, а не партија без разлика дали таа партија е на власт или не”.
- „Турција е пример за принципиелен поддржувач на Македонија" -
Како пример на принципиелна поддршка на Република Македонија, политичкиот аналитичар Пендаров ја издвојва Турција, за која вели дека во континуитет ја поддржува Република Македонија на принципиелен начин.
„На сите документи во рамките на НАТО, ако се спомнува со името ФИРОМ, има sвездичка и во фуснота стои дека Република Турција ја признава Македонија под нејзиното уставно име. Еден принципиелен однос кој нешто значи”, потенцира Пендаров, додавајќи дека Турција безброј пати го има покажано тоа кон Македонија и секој македонски граѓанин тоа треба да го цени.
За него се смешни некои од, како што вели, теориите дека „Турција сака да ја возобнови Отоманската империја”, кажувајќи оти смета дека на Турција тоа воопшто не ѝ е потребно.
„Турција, што е нормално и легитимно, сака да има влијание во овој регион. Ако тоа влијание не се коси и не ѝ штети на Македонија или на која било држава, нема проблем. Тоа влијание најдобро се прави преку добри економски, политички односи во сите погледи, во културата, а се прави и во меѓучовечките односи, нешто што Македонија и Турција го имаат, го имаат тоа взаемно почитување”.
- Балканска фолклорна политика -
Во рамките на своето толкување на политичката состојба во земјите од регионот, земајќи ги предвид изјавите на политичките лидери на Србија, Македонија, Албанија и останатите, тој истакнува дека балканската фолклорна политика сè уште не е надмината.
„За жал, таа Балканска фолклорна политичка култура уште не е надмината. Имате министер за надворешни работи на Србија кој вели Вие го признавте Косово, од денеска јас ќе ве викам ФИРОМ. Тоа е балкански типичен менталитет кој уште не сме го надминале. Косово не го призна само Македонија, го призна скоро цела Европа освен две држави кои имаат внатрешен проблем. Во исто време, српското и косовското водство водат преговори, па тие преговори не се Косово да се врати во Србија туку како да се нормализираат односите. Но не знам сега, како тие ќе ја викаат Црна Гора бидејќи и таа го има признаено Косово”, вели политичкиот аналитичар објаснувајќи го својот став.
- „Повторно оживува дефиницијата: Балканот е како буре барут” -
Прашувајќи се дали на Балканот се заврши со оние војни и дали конечно на овие простори ќе започне да се гради мир и соработка и ќе се заборави на Балканот како на буре барут, Пендаров вели дека сепак, некои индиции покажуваат дека оваа дефиниција повторно оживува.
Зборувајќи за реториката на политичките претставници во регионот, осврнувајќи се на последните настани меѓу Косово и Србија со случајот со возот на кој пишуваше „Косово е Србија”, а кој требаше од Белград да допатува во Митровица во Косово, за политичкиот аналитичар таквиот чин претставува „жива провокација”.
„На пример, на тој воз да пишуваше наместо Косово е Србија, Косово е Македонија и да можеше јас да одлучувам немаше да дозволам тој воз да влезе во Македонија”. Пендаров не верува во изјавата на српскиот премиер Александар Вучиќ во која тој изјави дека „не знаел оти бил така ишаран”.
„Мислам дека тоа е само политиканска изјава, во тоа не верувам. Се обидуваат повторно да прават провокации. Дали со изборот на Трамп станува до некоја прераспределба на глобалните односи во овој дел на регионот е друго прашање”, смета Пендаров.
- „Балканските земји да не бидат цел на поткусурување на големите сили" -
Во контекст на влијанието на големите сили врз земјите од Балканот, тој вели дека државите од регионот треба да ги имаат предвид глобалните прашања како што е на пример енергетиката.
„Aко не бидеме паметни и мудри, на крајот ќе можеме да станеме монета за поткусурување на големите играчи како што се Америка и Русија”.
За да не се случи тоа, додава тој, државите од регионот, внатре треба да бидат стабилни и да имаат конзистентна надворешна политика.
За него останува клучен приоритет градењето на пријателски и партнерски односи на земјите во регионот, зачувување на мирот и стабилноста кои се основа за било кои други понатамошни процеси.
Наведува дека како последица на нестабилноста во регионот би можело да се случи да има бегалци, за што смета дека би довело до хаотични ситуации чиј исход е тешко предвидлив.
„Ако има нестабилност во регионот ќе има бегалци од самиот регион, тогаш нека му ја мисли цела Европа и меѓународната заедница како ќе се справи со таа криза”, истакнува политичкиот аналитичар Тодор Пендаров во разговорот за Anadolu Agency (AA).
news_share_descriptionsubscription_contact
