Furkan Naci Top
15 Ноември 2017•Ажурирај: 16 Ноември 2017
АТИНА (АА) - Досега 9 лица загинаа, а деветмина се повредени во поплавите што ја зафатија околината на Атина, главниот град на Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Националниот оперативен центар при Министерството за здравство информираше дека западно од главниот град на Грција, во подрачјето на заливот Елефсина, утрово поројните дождови предизвикаа поплави и излевање на водите, при што животот го загубија најмалку 9 лица, од кои 2 жени.
Во местата Мандра, Неа Перамос и Мегара, кои се оддалечени 40 километри од Атина, во поплавата беа повредени 9 лица, од кои едно потешко.

Повредените се префрлени во болниците во околината. Во меѓувреме, се дознава дека поголемиот број од загинатите се лица што се наоѓале во подрумските простории за време на поплавата.
Екипите на грчката крајбрежна стража ги пронајдоа телата на двајца загинати на крајбрежјето на Елефсина.
Одделот за печат на грчките противпожарни единици соопшти дека во тек се операции за пронаоѓање на 3 исчезнати лица.
- Прогласена вонредна состојба -
Излевањето на водите поплави стотици куќи и возила, предизвикувајќи голема материјална штета.
Голем број возила поплавата ги однесе влечејќи ги по улиците. Повеќе сообраќајници во подрачјето се затворени за сообраќај.
Прогласена е вонредна состојба во местата Мандра, Неа Перамос и Мегара, кои се зафатени од поплавата.
Грчкиот министер за цивилна заштита, Никос Тоскас замина во подрачјето со цел детаљно да се информира за состојбата во поплавените места.
Од друга страна, се соопштува дека премиерот на Грција, Алексис Ципрас ќе одржи итна средба со министрите и со надлежните.
Во регионот, во тек се спасувачки операции, а постои загриженост од можно зголемување на бројот на загинатите и ранетите.