Şerife Çetin
15 Ноември 2017•Ажурирај: 15 Ноември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, ќе го посети Мјанмар со цел да учествува на 13. Самит на министрите за надворешни работи од Азија и Европа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението издадено од кабинетот на Могерини се наведува дека пред самитот, Могерини ќе престојува во работна посета на Бангладеш, во чии рамки ќе ги посети и камповите на араканските муслимани во градот Кокс Базар.
Според соопштението, покрај средбата на Могерини со премиерката на Бангладеш, Шејх Хасина, таа ќе се состане и со претставниците на хуманитарните организации, при што ќе потсети за поддршката на ЕУ за оваа земја, од аспект на бегалската криза со којашто се соочува Бангладеш.
Исто така, се истакнува дека Могерини ќе ја води европската делегација на 13. Самит на министрите за надворешни работи од Азија и Европа, кој ќе се одржи од 20 до 21 ноември, во главниот град на Мјанмар, Нејпидо. Според соопштеното, овогодишната тема на самитот е „Зајакнување на партнерството за мир и одржлив развој“.
Како што се наведува во соопштението од кабинетот на Могерини, Самитот на министрите за надворешни работи од Азија и Европа претставува подготовка за 12. Самит на АСЕМ, кој наредната година ќе се одржи во Брисел, каде што ќе се разговара околу темите како безбедност, економија, борба против тероризмот и насилен екстремизам.
„Посетата ќе биде можност и за осврнување на состојбата во Аракан“, се вели во соопштението, во коешто се истакнува дека Могерини ќе реализира и билатерални средби.