Gorana Jakovljevic
16 Јуни 2016•Ажурирај: 17 Јуни 2016
БАЊА ЛУКА (AA) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, за време на Министерскиот состанок на земјите – членки на Централно европската иницијатива (ЦЕИ) што се одржа денес во Бања Лука, Босна и Херцеговина рече дека регионот има многу заеднички работи, а најзначајна е што сите ја делат истата желба, да станат членки од големото европско семејство, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во ЦЕИ се фокусираме на прашањата како што се инфраструктура, деловната поврзаност, подобра меѓусебна поврзаност на нашите земји што е најзначајно за луѓето и им го прави животот подобар", рече Попоски.
Истакна дека разговарале и за миграции кои се важен потсеник колку овој регион е ранлив и колку земјите се меѓусебно зависни.
„Ова беше пример како за земјите членки на ЕУ, така и за оние кои не се членки да имаме исти интереси и да треба да се водиме по ист пристап, а тоа е хуман третман на мигрантите и прашањето на безбедноста", рече Попоски.
„За БиХ ова е критичен, пресвртен момент кога е во прашање процесот на европските интеграции. Ние правиме голем напор и се обидуваме да дојдеме во ситуација во јули на Советот за надворешни работи да добиеме прифаќање на апликацијата за членство и во тој контекст поддршката на земјите членки од ЕУ во рамките на ЦЕИ за нас е од огромно значење", изјави министерот за надворешни работи на БиХ Игор Црнадак.
На конференцијата за медиуми одржана во текот на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЦЕИ, кој се одржува денес во Бања Лука, Црнадак истакна дка овој состанок е исклучитено важен бидејќи на истиот се слушна дека БиХ има силна поддршка од земјите членки вклучувајќи ја и Италија. Посака секој нов состанок на ЦЕИ да има повеќе членки на ЕУ.
Според неговите зборови разгледувани се акциониот план на ЦЕИ за наредните три години.
„Денес донесовме одлука следната земја претседавач во 2017 година да биде Белорусија", рече Црнадак, и му честита на Владимир Макеи, министерот за надворешни работи на Белорусија.
Министерот за надворешни работи на Белорусија рече дека денешната одлука на ЦЕИ, со која наредната земја претседавач ќе биде Белорусија е историска одлука за неговата земја со оглед дека тоа ќе биде прв пат оваа земја да претседава со некоја регионална организација.
Паоло Гентилони, министерот за надворешни работи на Италија рече дека соработката помеѓу 18 земји членки на ЦЕИ е клучна за воспоставување на мирот, борбата против тероризмот и решавање на миграциските прашања. Потсети дека оваа иницијатива се бави и со инфраструктурни вложувања, односно со прашањата кои доведуваат до конкретни проекти. Истакна дека Европската унија се соочува со серионзен предизвик во овој период но дека треба да се верува во иднината на Унијата.
„Европа ќе ги надмине предизвиците и Италија е посветена да се преземат нови чекори во овој процес и со влегувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ ќе биде остварен голем успех на ЕУ. Проширувањето на Западниот Балкан не е само интерес на земјите од Западен Балкан туку тоа е и интерес на ЕУ", рече Гентигони.
На собирот присуствува и комесарот за соседна политика и преговори за проширување на ЕУ Јоханес Хан. Освен министрите за надворешни работи на Австрија, Италија, Бугарија, Унгарија, Србија, Македонија и Белорустија, останатите земјите, членки на ЦЕИ, ги претставуваат заменици министри за надворешни работи и државните секретари во министерствата.