Admir Fazlagic
12 Мај 2016•Ажурирај: 13 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денес оствари средба со специјалниот пратеник на Германија за Македонија Јоханес Хајндл, личен претставник на германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер и германскиот амбасадор во Република Македонија Кристине Алтхаузер, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението, Хајндл го информирал Попоски за неговиот мандат и очекувања од ангажманот во Република Македонија.
На средбата биле споделени очекувања дека напорите за надминување на политичката криза во државата остануваат фокусирани на исполнување на реформите со кои ќе се задржи препораката за водење на пристапни преговори со ЕУ, која Република Македонија прв пат ја доби од Европската комисија во 2009 година.
„Министерот Попоски изрази благодарност за традиционалната поддршка која Германија, како членка на ЕУ, ја дава на Македонија во бројни области, вклучително и билатералната поддршка преку германската амбасада во Скопје, како и сегашниот дипломатски ангажман на амбасадорот Хајндл. Воедно, министерот ја нагласи важноста политичката криза да биде надмината преку решенија кои се единствено поддржани од македонските институции, политички чинители и пред се граѓаните на Република Македонија, а чија воља се изразува на избори", информираше Министерството за надворешни работи на Република Македонија.
Соговорниците го нагласија македонскиот и европски интерес за надминување на тековната криза и посветеност на реформите кои ќе обезбедат напредок и предвидливост, во земјата и во регионот, што е особено значајно и за Германија.
Претхнодно, Германската амбасада ја пренесе изјавата на Хајндл во пишана форма, каде специјалниот пратеник на Германија за Македонија изјавува дека е дојден да се запознае со ситуацијата во земјава и активно да го поддржи процесот кој е инициран од ЕУ и САД.
Специјалниот пратеник на Германија за Македонија, Јоханес Хајндл, во рамките на неговата дводневна посета на Македонија ќе разговара со претставници на партиите, потписнички на Договорот од Пржино.