Ivana Ramadanova
05 Мај 2016•Ажурирај: 05 Мај 2016
БРИСЕЛ (АА) - Министерот за надворешни работи Никола Попоски во Брисел учествуваше на Конференцијата за Западен Балкан, насловена „Европската иднина на Западен Балкан“: Кон европска иднина“, што се одржа во Европскиот Парламент во Брисел, организирана од страна на Европскaта народна партија, Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“, информираше Министерството за надворешни работи на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата Министерот Попоски истакна дека Европската Унија има реален проблем со популарноста на идејата за проширување, во услови кога многумина во земјите членки се вртат кон самите себе. Добро е сепак што, дури и во услови на криза се вртиме едни кон други - членки на ЕУ и кандидати. Европската перспектива на Западен Балкан беше главниот фокус на конференцијата . Теми на дискусија беа и доброто владеење, миграциската криза и релевантни безбедносни прашања.
„Во однос на мигрантската криза Македонија пред себе ги имаше двете следни опции: Да ја избере најевтината можна опција, односно да биде набљудувач на преминувањето на мигрантите и бегалците или, да придонесе за примена на заклучоците од Советот на ЕУ, во насока на затворање на балканската рута, превентирање на илегални премини, а при тоа да се обезбеди хуман и безбеден премин за бегалците од една ЕУ членка во друга. Оваа опција е ризична и скапа. Притоа, на голем ризик го става и имиџот за самата земја. Воедно е далеку од едноставно за примена од страна на земја која не е членка на ЕУ, истакна Попоски.
Во рамки на Конференцијата, министерот Попоски оствари повеќе билатерални средби. Фокус на средбите во ЕП беа приоритетите во евроинтеграцискиот процес на Република Македонија, мигрантската криза и регионалната стабилност.