Kubilay Çelik
15 Јули 2017•Ажурирај: 15 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим изјави дека војската на Турција денес е многу посилна од војската пред минатогодишниот обид за воен удар, и дека тоа е војска која му припаѓа и му служи на народот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Турција денес се одбележува првата годишнина од обидот за воен удар, кој на денешен ден го изведе терористичката организација ФЕТО, а по тој повод денес е организирана посебна седница на турскиот Парламент на којашто присуствуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
На пратениците и на присутните на вонредната седница им се обрати турскиот премиер, Бинали Јилдирим, кој истакна дека 15 јули минатата година е денот на победата над предавниците и денот на победата за светлата иднина на Турција.
„Тој ден ќе биде запаметен како ден кога храбрите Турци ги прегазија тенковите и голораки го разоружаа непријателот кој тргна во окупација на земјата. Турскиот народ му покажа на целиот свет како е да се биде нација, како се брани татковината и како не се предава волјата на народот“, порача Јилдирим.
Истакнувајќи дека на тој ден повторно е испишана турската национална химна која почнува со стихот: „Не плаши се“, Јилдирим рече дека обидот за државен удар е најголемото предавство, а одговорот на народот и задушувањето на овој обид е најголемата победа со која за првпат, со волјата на народот, беа спречени пучистите во намерата за соборување на државниот поредок.
На присутните им се обрати и претседателот на најсилната опозициска Републиканска народна партија (CHP) Кемал Киличдароглу, кој, исто така, им оддаде почит на сите загинати и повредени, како и на сите луѓе кои помогнаа во спречувањето на обидот за државен удар минатата година во Турција.
Киличдароглу рече дека мора да се истражат сите детали во врска со минатогодишното предавство и обидот за државен удар, и додаде дека парламентарната Комисија за истрага во врска со тој настан не ги задоволила очекувањата, и не го открила сето сето она што треба да се расветли.
Шефот на турската опозиција исто така рече дека борбата против пучистите нема да биде комплетна сѐ додека не се откријат и санкционираат сите оние кои учествуваа во тоа предавство и кои дозволија предавниците да се инфилтрираат во најважните институции на турската држава.
„Деновите на националното единство и демократијата“ е заеднички назив на седумдневната манифестација со која во Турција и пошироко се одбележува првата годишнина од обидот за воен удар во кој загинаа 250, а беа повредени 2.193 лица.
Денес во тие рамки ќе биде одржан собир на истанбулскиот мост на Босфорот, кој го доби називот „Мост на загинатите од 15. јули“, а сите програми се одвиваат со зајакнати безбедносни мерки и со масовно присуство на турските граѓани.