Orhan Onur Gemici
12 Октомври 2018•Ажурирај: 13 Октомври 2018
ПАЛУ (АА) - Орхан Онур Гемиџи - И покрај разорниот земјотрес што на 28 септември го погоди индонезискиот остров Сулавеси и цунамито кое следуваше, џамијата на брегот на Палу не е срушена ниту оштетена, јавува Anadolu Agency (AA).
Според последните податоци, загинаа 2.073 лица, а најмногу е погоден Палу во кој е забележан и најголем број на смртни случаи. Срушени се и голем број објекти, особено во крајбрежниот дел.
Џамијата „Еркам Баб ел Рахман“, изградена на самиот брег, по земјотресот и цунамито се наоѓа во вода. Поради тоа го доби називот „пловечка џамија“.
Нарјо Јатемо, еден од жителите, раскажа дека џамијата не е срушена во земјотресот, како и поголемиот дел од објектите, но цунамито ја повлекло во морето.
Потресните снимки од Палу покажуваат срушени и поплавени објекти. Снимката на непознат автор покажува страшни сцени и цунамито што се случи по земјотресот. Се гледа и пронаоѓањето на едно тело за време на потрагата на спасувачките екипи.
Според прелиминарните извештаи на BNPB, за време на катастрофата се оштетени повеќе од 70.000 станбени објекти и училишта, а речиси 63.000 лица се згрижени во шаторските населби.
Во истите извештаи се наведува дека станува збор за материјална штета која во прелиминарната верзија достигнува 658 милиони долари. Конечната штета би можела да биде значително поголема.
Спасувачките екипи во најтешко погодените градови Палу и Донгала бројат повеќе од 7.000 војници и полицајци.