Ivana Ramadanova
19 Април 2018•Ажурирај: 20 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Р. Македонија, Талат Џафери, денеска ја започна официјалната посета на Република Турција со посета на Мавзолејот на Ататурк, каде што положи венец и се потпиша во Златната книга, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што информираат од одделението за односи со јавност на Собранието, Џафери оствари средба со претседателот на Големото национално собрание на Турција, Исмаил Кахраман, по што беше одржана билатерална средба на ниво на парламентарни делегации и со истата претседаваа претседателите на двата парламента.
„Џафери на почетокот од средбата изразил задоволство од реализирањето на официјалната посета, како и од интензитетот на политичката соработка меѓу Република Македонија и Република Турција, односно бројните средби на највисоко ниво.
Истовремено, тој се заблагодарил за доследната и конструктивна поддршка на Турција и за солидарноста со Македонија во рамките на евроатлантските интеграции, особено за силната поддршка за членството на Република Македонија во НАТО“, стои во соопштението.
Претседателот на Собранието нагласил дека очекува уште позасилена поддршка од Турција за добивање на заслужената покана за членство во НАТО на претстојниот Самит на Алијансата во јули годинава во Брисел.

„Претседателот на турското Собрание, Исмаил Кахраман, изразил надеж за понатамошно продлабочување на одличните односи и соработка меѓу Собранието на Република Македонија и Големото национално Собрание на Турција. Тој се заблагодарил на конструктивната улога на македонскиот Парламент во рамките на Парламентарното собрание на процесот за соработка во Југоисточна Европа, односно предлогот за компромисно решение, со цел за надминување на долгогодишниот застој за изнаоѓање решение за седиште на Секретаријатот на ова Парламетарно собрание. Истовремено, Кахраман дал поддршка на реформските процеси и добрососедските политики што ги води Република Македонија“, се додава во соопштението.
На средбата се размениле мислења за билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Турција, при што било оценето дека севкупните односи меѓу двете земји се карактеризираат со дух на традиционално пријателство, меѓусебно разбирање, толеранција, активна соработка и партнерство. Соговорниците истакнале дека интензивните и добри политички односи отвораат простор за уште поинтензивна економска соработка. Констатирано е дека потребно е проблабочување и на успешната соработка меѓу двете земји во полето на одбраната, внатрешните работи, културата, правдата, земјоделството, шумарството и водостопанството, локалната самоуправа, здравството, спортот, животната средина и сл.
- Средба Ердоган-Џафери во Анкара -
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара го прими претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.