Senada Ibraimova
07 Март 2017•Ажурирај: 08 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ заедно со илјадници придружници и вечерва се собраа пред Владата на Република Македонија, од каде што го започнаа својот марш кон Собранието на РМ во знак на протест, како што велат, против албанската платформа, јавува Anadolu Agency (AA).
Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ заедно со илјадници граѓани веќе втора недела маршираат низ улиците на Скопје, изразувајќи го својот став против албанската платформа.
Тие пред Народната канцеларија на претседателот повторно ја изразија својата поддршка, да не му го даде мандатот на претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев да формира влада.
Пред Собранието на Република Македонија дел од организаторите одржаа говор, на којшто упатија порака дека ќе протестираат секој ден, сè додека политичките партии не ја решат актуелната политичка криза што ја зафати Македонија. Тие велат дека, протестираат против промена на Уставот, името и корените на државата.
Меѓу говорниците, вечерва се обратија и претставници на ромската и српската заедница во Македонија, коишто упатија порака дека се против двојазичност во цела држава, и како што велат, против социјална, економска, етничка и секаква поделба меѓу граѓаните во државата.
Луѓето кои маршираа, носеа транспаренти и македонски знамиња, а по упатените пораки пред Собранието, толпата мирно се разотиде.
Таканаречената заедничка платформа на албанските политички партии во Македонија беше постигната по предвремените парламентарни избори на 11 декември минатата година, која содржи неколку барања за правата на Албанците во Македонија.
Лидерите на албанските политички партии се обврзаа дека нема да учествуваат во новата Влада на Македонија доколку не бидат прифатени барањата наведени во платформата.