Besar Ademi
07 Јули 2016•Ажурирај: 08 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претставниците на четирите најголеми партии во Македонија, потпишувачи на Пржинскиот договор во резиденцијата на Европската Унија (ЕУ) одржаа состанок за продолжувањето на разговорите за имплементација на договорот и да ги надминат несогласувањата кои го попречуваат решавањето на политичката криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Разговорите се одржаа по вчерашната посета на дипломатот Јоханес Хајндл, а на состанокот присуствуваа претставници на политичките партии и амбасадорите на САД и ЕУ во државава, Џес Бејли и Аиво Орав, по што за нова средба со лидерите се уште не се создадени услови.
Артан Груби од ДУИ рече дека на средбата разговараа и за позициите на страните во врска со прочистувањето на избирачкиот список, како и решавање на проблемот со медиумите и нивното известување во текот на изборната кампања до денот на изборите.
„Нема договор, но преговорите ќе продолжат и се надевам дека сите страни ќе бидат конструктивни во постигнувањето на конечното решение за оваа политичка криза. Јас сум оптимист, бидејќи гледам ставовите и предлозите се достапни речиси за сите. Се надевам дека со конструктивен пристап и мали отстапки од двете страни, конечно ќе постигнеме договор”, рече Груби.
Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ рече дека неговата партија е секогаш подготвена за компромис, а за датумот на изборите, изјави дека нема да дозволат да се одложува по трет пат.
„Ние мора да бидеме сигурни дека сите услови за избори се дополнети и се тоа да и се покажи на јавноста, а потоа ќе одредиме датум за избори. На денешната средба мислам дека имаше добро приближување на ставовите”, рече Тодоров.
Во врска со реформите во медиумите, Тодоров смета дека секој новинар или медиуми не треба да биде казнет за напишан текст или направен прилог, и побара сериозно намалување на казните, затоа што според него медиумите не треба да се стават во позиција да се казнат и да пишуваат по наредби.
Претставници на СДСМ и ДПА, Рената Дескоска и Имер Алиу, и амбасадорите Орав и Бејли не дадоа изјави за медиумите. Учесниците во преговорите најавија дека наскоро ќе се одржат средба за разговорите за надминување на кризата.
Разговорите меѓу политичките партии прекинаа во средината на јуни, поради спротивставени ставови меѓу ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ за медиумските реформи и начинот на чистење на избирачкиот список. Двете партии се обвинуваа меѓу себе за прекинувањето на преговорите.
Специјалниот претставник на Германија во Македонија, Јоханес Хајндл вчера се сретна со лидерите на СДСМ, ДУИ и ДПА, но не со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во чие име на состанокот беше делегацијата од неговата партија.