Besar Ademi
18 Ноември 2016•Ажурирај: 19 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, заедно со Институтот за различности во медиумите од Лондон, во периодот 2016-2018, преку повеќе активности ќе го промовира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Коалиција за медиумска писменост“, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на проектот е да се развие свеста кај публиката за влијанието на медиумските содржини, и да ги охрабри граѓаните да се здобијат со знаење и вештини за критичко согледување на информациите и за користење на медиумите како предуслов за активно граѓанство.
Александра Теменугова од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста истакна дека Коалиција за медиумска писменост е неформална платформа којашто се состои од неколку граѓански организации и медиуми со цел да ја едуцира јавноста, а особено младите.
„Никогаш претходно, како сега немало потреба луѓето да се едуцираат за да можат да ги препознаат вистинските информации во времето на наплив на информации, каде што секој објавува сè. За оваа причина, важно е јавноста да препознае што е манипулација или измама, додека од друга страна да знаат како да го користат медиумот како средство за нивниот глас, кој во моментов е узурпиран од страна на различни политики“, рече Теменугова.
Од друга страна, Јаромир Левичек од Делегацијата на ЕУ во Скопје, нагласи дека медиумската писменост им овозможува на граѓаните активно да учествуваат во демократскиот процес.
„Медиумската писменост е клучна компонента за граѓаните во 21 век. Ова значи да се поседува вештина за критичко размислување за она што го добиваме од медиумите и она што го објавуваме во медиумите. Значењето на ова се зголемува на дигиталната технологија, со оглед на пропорционалното зголемување на предностите, но исто така и поради различните ризици, како што се безбедноста на децата, правото на приватност или јазикот на омраза“, рече Левичек.
Високата школа за новинарство заедно со своите партнери ќе ја формираат Коалицијата за медиумска писменост, која ќе ги обедини невладините организации и медиумите да работат во создавањето на медиумски содржини што се однесуваат на прашања од интерес за граѓаните.