Ivana Ramadanova
03 Октомври 2016•Ажурирај: 04 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Државниот архив на Република Македонија денеска во Скопје ја промовираше едицијата „Црните страници на УДБА“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според директорот на Државниот архив, Филип Петровски, едицијата е сведоштво за едно време во кое била забранета секоја напредна мисла којашто не соодветствувала со погледите на елитите што биле на власт.
„Едицијата содржи 13.000 страници на кои преку користење на неовластено направени извештаи од тајната полиција, опишано е што се случувало во Македонија од 1945 до 2000 година. Во едицијата не тврдиме дека една личност е жртва или соработник. Во систем кој користел нечовечки методи, многу возможно е иста личност да биде скршена и да подлегне на притисокот за да се спаси. Има и такви случаи во кои самата УДБА се сомневала дека тие што се согласиле да станат нејзини соработници, тоа го направиле за да ја заведат во погрешна насока или, пак, давале бесполезни информации колку да се каже дека нешто направиле. Наша работа не беше ниту да коментираме, тоа ќе го направи јавноста и историската наука“, рече Петровски.
Петровски истакна дека овие страници сега се достапни за јавноста, а со тоа се заштитени од изчезнување, додавајќи дека тие ќе бидат сведоштво за големиот и нескршлив македонски дух што ја издигна Македонија во постоење што никој не ќе може да го оспори сѐ додека постои сеќавањето на Македонците.
Едицијата којашто е составена од 16 книги, во девет тома со „забранета историја“, беше промовирана под мотото „Историја што чека да биде откриена“. Од денеска, таа ќе им биде достапна на граѓаните во сите библиотеки во земјава.