Admir Fazlagic
07 Септември 2016•Ажурирај: 07 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Комерцијалниот авион кој од Тревизо, Италија летал кон Приштина, а според информациите на МВР, во 17:40 часот вчера исчезна од радарот на Контрола за летање на Скопскиот аеродром Александар Велики, се урна кај селото Кожле, во близина на Катланово, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите на МВР во авионот имало 6 лица од кои 4 италијански и двајца косовски државјани. Крајната дестинација на авионот била Приштина. Авионот во Македонија бил уредно пријавен за дополнување на гориво.
Од местото на настанот можат да се видат делови и остатоци од урнатиот авион, а медицинските екипи и полицијата, рекоа дека откако ќе биде извршен комплетниот увид ќе бидат соопштени деталните информации во врска со патниците во авионот како и другите детали поврзани со настанот.
Некои од жителите на селото Кожле велат дека во попладневните часови врнел силен дожд и дека слушнале силни звуци, но не знаеле за што се работи, се додека на местото на настанот не пристигнале полициските екипи и брза помош.
„За случајот слушнав на телевизија дека се случило нешто. Пред тоа беше големо невреме. Дожд врнеше, не се гледаше ни на 10 метри. Наеднаш нешто како некој звук се слушна но јас мислев дека тоа беа кучињата. После видов на телевизија дека паднал авион. Излегод да видам, навистина беше паднат авион. Полицијата и брзата помош веднаш дојдоа на местото но не знам што нашле", изјави за АА Александар Вељановски, жител на село Кожле говорејќи за случајот со паднатиот авион.
Патот до самото место каде што се урнал авионот е речиси непрооден, пристап имаа единствено теренските возила.
Екипите на теренот информираа дека увид на местото ќе врши јавен обвинител рано наутро.
За настанот е информиран и Комитетот за авионски несреќи.