Satuk Buğra Kutlugün
01 Октомври 2018•Ажурирај: 02 Октомври 2018
МОСКВА (АА) - Русија загуби 112 припадници на нејзините сили во Сирија, во текот на тригодишната операција во таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
„До денес, во Сирија загубивме 112 припадници на нашите вооружени сили, од кои половина загинаа при уривањето на авионите An-26 и Il-20“, изјави за новинарите во Москва, Виктор Бондарев, челникот на Комитетот за одбрана и безбедност при Советот на Федерацијата (Горниот дом на рускиот Парламент) и поранешен командант на Руските воздухопловни сили.
„Материјалните загуби вклучуваат осум авиони, седум хеликоптери и еден или два оклопни транспортери и оклопни моторни возила“, додаде тој.
На 6 март, руски воен транспортен авион од типот „An-26“ падна во Сирија при што загинаа 39 лица.
На 18 септември Русија соопшти дека еден од нејзините воени летала од типот „Il-20“, со 15 припадници на нејзините сили, беше соборен по грешка од страна на сирискиот противвоздушен систем „S-200“.