Ekipa
26 Септември 2018•Ажурирај: 27 Септември 2018
ИДЛИБ (АА) - Режимот на Башар ал Асад и неговите поддржувачи, странските терористички групи, и покрај постигнатиот договор за прекин на огнот во зоната без судири во Идлиб, со намален интензитет продолжуваат да ја гранатираат областа, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимските сили и странските терористички групи поддржани од Иран, покрај Договорот, продолжија со артилериски оган кон Латакија, јужниот дел на Идлиб, западниот дел на Алепо, и селата во источниот и западниот дел на Хама.
Доверливи локални извори кои обезбедуваат информации за АА, соопштуваат дека и по постигнатиот договор, артилерискиот оган продолжил во локациите Латамна и Ебу Убејде во Хама, Рашидин и Кефр Хамра во Алепо, Теманиа и Тел Мерак во Идлиб, како и во Курдската Планина во Латакија.
Иако нападите се со помал интензитет, во споредба со периодот пред Договорот, животот го загуби еден цивил, а шест се повредени.
На гранатирањето, со артилериски оган возвратија опозициските воени сили под чија контрола се наоѓа областа.
- Состојбата во Идлиб -
Идлиб, чиј голем дел е под контрола на Слободната сириска војска (ССВ), се наоѓа во северозападниот дел на Сирија, наспроти турскиот град Хатај.
Идлиб моментално е последното упориште на опозициските и антирежимските групи. Градот, од исток, запад и југ е под опсада на режимот и странските терористички групи поддржани од Иран.
Речиси половина од групите поддржани од Иран, кои бројат 120.000 војници во Сирија, стационирани се во околината на Идлиб.
Во областа умерените опозициски групи имаат повеќе од 70.000 борци, а Хајат Тахрир ал Шам и другите групи бројат сила од 20.000 лица.
Идлиб е една од областите каде што има најголем бран насилство во Граѓанската војна во Сирија, и поради тоа Турција, Русија и Иран, на состанокот во Астана што се одржа на 4 и 5 мај годинава, се договорија Идлиб да биде прогласена за една од зоните без судири.
Турција, во овие рамки, почнувајќи од октомври 2017 година во зоната без судири во Идлиб, изгради 12 набљудувачки места за контролирање на примирјето (во кои спаѓаат областа Идлиб и некои населени места во областите Алепо, Хама и Латакија).
По освојувањето на три од зоните без судири од страна на режимот на Башар ал Асад (Хомс, Источна Гута и јужниот фронт на Дера-Кунејтра) во последните 4 месеци, вниманието се сврте кон Идлиб, каде што живеат околу 4 милиони цивили.
Откако режимот започна да се стационира на фронтовите и да спроведува интензивни воздушни напади врз јужниот и јужноисточниот дел на Идлиб и врз северниот дел на Хама, Турција ја интензивираше својата дипломатија, со цел избегнување на судирите.
Постоеше загриженост од опасноста судирите во Идлиб да предизвикаат масакр врз цивилите, да предизвика голем бран миграции и да им овозможи провлекување на терористичките групи.
По предлогот на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на Самитот одржан на 7 септември во Техеран, Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин на Самитот одржан во Сочи на 17 септември, се согласија за преземање дополнителни мерки за заштита и зајакнување на примирјето. Договорот влеа доверба и надеж кај цивилите во Идлиб. Досега над 50.000 цивили се вратија во своите домови.