Ekipa
06 Ноември 2019•Ажурирај: 07 Ноември 2019
ИДЛИБ (АА) - Авиони на режимот на Асад и неговиот поддржувач Русија во Сирија изведоа воздушни напади врз населени места во деескалационата зона во Идлиб. Во нападот животот го загубија 8 цивили, а над 10 се ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимот на Асад изведе копнени и воздушни напади врз местото Џисир еш Шугур и селата Меранд, Халуз, Шех Синдијан, Нукејир, Гасаније и Хазарин.
Опсерваторијата за набљудување на авиони на опозицијата соопшти дека руски воени авиони го нападнале местото Маратинуман и селата Шинан, Кефер Сеџне, Бинин, Рекаја, Шех Мустафа, Маршурин, Маритирме и Сехара, кои се наоѓаат во границите на зоната за намалување на тензиите во Идлиб.
Претставници на Цивилната заштита на Идлиб информираа дека во Сенхара загинале 6 цивили, во Џизир еш Шугур двајца цивили, вкупно 8 цивили од кои 2 деца, а повеќе од 10 се повредени.
Екипите на Цивилната заштита продолжуваат со своите спасувачки активности на местото на нападите.
Доцна синоќа воени авиони на Русија гранатираа детска болница, при што животот го загубија двајца здравствени работници.
Во последната недела, авиони на Русија и режимот на Асад извршија напади во рамките на деескалационата зона во Идлиб во кои бројот на загинати е поголем од 20.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Турција и Русија на 17 септември 2018 година досега, во деескалационата зона во Идлиб, режимот и Русија изведоа напади во кои загинаа над 1.300 цивили. Во последната година бројот на мигрантите кои мигрираа од местата на нападите кон помирните места, особено кон местата што се наоѓаат на границата со Турција, изнесува над милион.