Zuhal Demirci
02 Ноември 2018•Ажурирај: 03 Ноември 2018
ВАШИНГТОН / АНКАРА (АА) - Министерството за трезор на САД соопшти дека ги укинало санкциите за турските министри, јавува Anadolu Agency (AA).
Американското Министерство за трезор објави соопштение во кое наведе дека се укинати санкциите за турскиот министер за правда, Абдулхамит Ѓул, и министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу.
На интернет-страницата на споменатото министерство објавено е дека турските министри Ѓул и Сојлу се отстранети од листата за санкции.
- Турција возвратно ги укина санкциите кон американските министри
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Турција, Хами Аксој, изјави дека како реципроцитет се укинати санкциите воведени за министерот за правда, Џеф Сесионс, и министерот за внатрешна безбедност, Кирстен М. Нилсен.
Портпаролот Аксој одговори писмено на прашањето за укинувањето на санкциите воведени за министрите од САД.
Аксој, потсетувајќи дека Министерството за финансии на САД, на 1 август донело одлука за воведување санкции за министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, и министерот за правда, Абдулхамит Ѓул, рече дека врз основа на дипломатските практики и по принципот на реципроцитет одговорено е со возвраќање на санкциите.
Аксој рече дека како реципроцитет, воведени се санкции за министерот за правда на САД, Џеф Сесионс, и министерот за внатрешна безбедност на САД, Кирстен М. Нилсен, и истакна:
„Паралелно со укинувањето на санкциите за министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, и министерот за правда, Абдулхамит Ѓул, од страна на Министерството на трезор на САД, укинати се и санкциите за министерот за правда на САД, Џеф Сесионс, и за министерот за внатрешна безбедност на САД, Кирстен М. Нилсен, кои подразбираат отстранување на забраната за влез во Турција и одблокирање на нивниот имот во Турција. Исто така, укината е и забраната на физичките и правни лица од нашата земја да реализираат финансиски и трговски односи со споменатите лица.“