Ruslan Rehimov
15 Мај 2016•Ажурирај: 16 Мај 2016
ГАБАЛА (АА) - Во азербејџанскиот град Габала се одржа четвртиот состанок на министрите за одбрана на Турција, Азербејџан и Грузија, а по состанокот ресорните министри на трите земји, Исмет Јилмаз, Закир Хасанов и Тинатин Кидашели одржаа заедничка прес-конференција, јавува Anadolu Agency(AA).
Турскиот министер за одбрана, Исмет Јилмаз, истакна дека Република Турција се залага за мирно решавање на прашањето за Нагорно-Карабах, Јужна Осетија и Абхазија, со почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Азербејџан и Грузија.
Турскиот министер Јилмаз рече дека трите земји одржуваат стратешки односи кои со постоечката инфраструктура може да се подигнат на повисоко ниво во областа на политичкото, економското и военото делување.
Тој истакна дека партнерството и соработката меѓу трите земји, кога станува збор за регионалните прашања, е добар пример за сите земји и региони во светот.
„Соработката меѓу нашите три земји за регионалните прашања е добар пример за сите земји и региони во светот. Денес уште еднаш ја потврдивме волјата за меѓусебно максимално интензивирање на односите во сите сектори”, рече Јилмаз, додавајќи дека Турција ја поддржува кандидатурата на Грузија за влез во НАТО.
Осврнувајќи се на конфликтот во азербејџанската област Нагорно-Карабах, Јилмаз рече дека Ерменија не може да ја продолжи својата политика на агресија, на војна и окупација и дека таквата политика никаде не може да донесе успех и добро.
„Јасно е дека е можно да се воспостави мир и стабилност во Нагорно-Карабах, а тоа е можно само преку мирен пат и со почитување на интегритетот и суверенитетот на Азербејџан. Турција никогаш нема да поддржи било која друга иницијатива за ова прашање. Ние сме секогаш покрај народот од Азербејџан”, заклучи Јилмаз.
Азербејџанскиот министер за одбрана Хасанов истакна дека трите соседни и пријателски земји реализирале многу големи економски проекти, но за зачувување на мирот и стабилноста важна е и нивната воена соработка.
„Ние разговаравме за конкретни прашања на соработка во областа на воената обука и воено-техничката соработка. Армиите на Азербејџан и Турција веќе вршат заеднички воени вежби, а сега ја поканивме и Грузија да се приклучи кон овие вежби, а Грузија ја прифати поканата”, рече Хасанов додавајќи дека ќе биде потпишан и трилатерален договор за заедничко спроведување на воените вежби.
Грузискиот министер за одбрана Кидашели изрази задоволство од постигнатиот договор за заеднички воени вежби и додаде дека тие сè уште еден од исчекорите во две и полдецениската интензивна соработка меѓу трите земји.
Кидашели рече дека Турција многу им помогнала на Грузија и Азербејџан од нивната независност до денес и покажала дека е добар сосед и пријател.