ЕРБИЛ (АА) - Претседателот на Регионалната курдска управа на северниот дел од Ирак, Месут Барзани, и покрај сите предупредувања, не се повлече од одлуката за референдум, кој според одлуката на Федералниот суд на Ирак е противуставен, а исто така, голем број земји се против референдумот, пред сѐ Обединетите нации (ОН) и Соединетите Американски Држави (САД).
Имаше интензивна „дипломатска комуникација“ со цел Барзани да се откаже од неговата противзаконска одлука.

И покрај предупредувањата на претставниците на ОН, САД, администрацијата на Багдад, соседните земји како Турција, Иран и Саудиска Арабија, администрацијата на Барзани го започна процесот за референдум во покраините Сулејманије, Ербил, Дохук, но и во другите покраини како Киркук, Мосул, Дијала и Саладин, чиј статус е спорен.
Администрацијата на Ербил сѐ до денот на референдумот не ги послуша предупредувањата од секаков вид, од страна на централната власт, ОН и од меѓународната заедница.
- „Нема да го признаеме резултатот од референдумот“ -
Ирачкиот премиер Хајдар ал Абади, на 7 јуни, денот кога беше соопштено дека ќе се одржи референдум, споменатата иницијатива ја окарактеризира како „еднострана и противуставна“.
Абади, кој подоцна неколкупати побара да се отстапи од референдумот, истакна дека нема да се дозволи да се формира една расистичка држава. „Нема да го признаеме резултатот од референдумот. Ќе ги направиме потребните чекори за заштита на единството на Ирак и безбедноста на граѓаните“, додаде тој.
- „Референдумот нема правна основа“ -
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, на 16 септември упати апел за откажување на референдумот, и побара Ербил да одржи средби и да воспостави дијалог со Багдад.
Специјалниот претставник на САД за борба против ДЕАШ, Брет Мекгурк, истакна дека референдумот нема меѓународна правна основа и оти патот на референдумот е ризичен.
- „Референдумот носи ризик од нестабилност“ -
Во писменото соопштение на британското Министерство за надворешни работи се наведува дека планот за референдум на Регионалната курдска управа во Ирак не е поддржан, и оти ваквиот чекор носи ризик од зголемување на нестабилноста во регионот.
По ова соопштение, британскиот министер за надворешни работи, Мајкл Фалон, на 19 септември се состана со Барзани, и истакна дека референдумот треба да се одложи.
- Советот за безбедност на ОН: Треба да се почитува територијалниот интегритет на Ирак -
На состанокот на Советот за безбедност на ОН за одложување на референдумот, кој се одржа на 21 септември, сите земји освен Израел донесоа иста одлука, и упатија апел до Ербил за решавање на проблемите преку дијалог.
„Членовите на Советот за безбедност на ОН се загрижени од едностраните планови за референдум на Регионалната курдска управа во Ирак, кои имаат потенцијал за дестабилизација на регионот. Одлуката за референдум донесена во еден период кога сѐ уште продолжува борбата против ДЕАШ, негативно ќе влијае во безбедното и доброволно враќање на над 3 милиони бегалци и лица раселени од нивните домови. Членовите на Советот за безбедност на ОН повикуваат да се почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и единството на Ирак. Исто така, упатуваат апел за решавање на сите проблеми меѓу централната власт и Регионалната курдска управа во Ирак, преку дијалог“, се вели во писменото соопштение на Советот за безбедност на ОН.
- Турција: Референдумот е нелегитимен -
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, на 23 август се сретна со Барзани во Ербил. Тој пренесе дека Турција не го прифаќа нелегитимниот референдум, и побара тој да биде откажан.
Откако Барзани не се откажа од својата одлука за референдум, турскиот Национален совет за безбедност одржа состанок на 22 септември, при што беше соопштено дека ако покрај сите предупредувања на Турција се одржи референдумот, Турција ќе ги задржи сите права што ќе произлезат од билатералните и од меѓународните договори.
- Иран -
Генералниот секретар на Високиот совет за национална безбедност на Иран, Али Шемхани, истакна дека Регионалната курдска управа во Ирак треба да се откаже од одлуката за референдум. Тој упати предупредување дека во случај Регионалната курдска управа во Ирак да се одвои од Ирак, Иран ќе ги затвори сите свои граници и патишта.
- Саудиска Арабија -
Саудиска Арабија понуди да посредува за Барзани, за решавање на проблемите меѓу Ербил и Багдад. Исто така, Саудиска Арабија е против одлуката за референдум, и побара да се направи чекор назад со цел да се заштити регионот од опасност.
Сите земји од меѓународната заедница, вклучувајќи ги Централната власт на Ирак, земјите во регионот, САД и ОН се против референдумот на Регионалната курдска управа во Ирак, а Израел даде отворена поддршка за тоа.