Etem Geylan,Andaç Hongur
19 Мај 2018•Ажурирај: 20 Мај 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Во соработка со Светската здравствена организација (СЗО) и Управата за катастрофи и вонредни ситуации при Владата на Турција (АФАД), покрената е хуманитарна акција под наслов „Биди надеж за Палестина“, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменик-премиерот на Турција, Реџеп Акдаг, зборуваше во Истанбул на Конференцијата на која ја претстави хуманитарната акција, а во таа пригода се осврна и на хуманитарната криза која е присутна во Газа.
„АФАД ќе обезбеди помош во износ од 1,2 милиони долари, а тоа се однесува на медицинска опрема и лекови. Тоа ќе обезбеди АФАД, а СЗО ќе ја транспортира до Газа“, рече Акдаг.
Осврнувајќи се на тековната хуманитарна криза во Газа, Акдаг изјави дека се спречува испораката на хуманитарна помош и дека тоа е еден нечовечки и нехуман став.
„Моментално во Газа има 1.757 повредени лица, меѓу кои 86 деца и 224 жени. Меѓу повредените, 127 од нив се во критична состојба. Во Појасот Газа секојдневно доаѓа до прекин на електричната енергија во траење од 16 до 20 часа“, рече Акдаг, додавајќи дека токму поради овие факти, оваа хуманитарна акција е од голема важност.
Акдаг го повика целиот турски народ за поддршка на Палестина преку оваа хуманитарна акција, додавајќи дека тоа може да се направи преку банкарска сметка или со испраќање на СМС-порака.