Halit Süleyman,Ogün Duru
30 Септември 2016•Ажурирај: 01 Октомври 2016
ИДЛИБ (АА) - Два часа по воздушниот напад на сирискиот град Идлиб, од урнатините е извлечено живо едномесечно бебе, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставникот од цивилна заштита на Идлиб, Ебу Хилфе, низ солзи раскажа дека бебето го пронашле под урнатините на четвртиот кат од станбената зграда којашто била цел на нападот.
„Го забележавме на четвртиот кат. Беше живо. Успеавме да го извлечеме два часа по нападот, и тоа под урнатините. Тоа е едномесечно бебе. Можеше да умре. Нема тешки повреди, фала му на Бога. Кога го видов, веднаш се сетив на своите ќерки. Веднаш го зедов в раце како и својата ќерка. Тоа е нешто што не може да се опише“, изјави Ебу Хилфе.
Нападите на силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад се интензивирани во Идлиб, во последно време, и тоа на подрачјата што се под контрола на опозицијата.
Во раните утрински часови се случи еден од многуте воздушни напади во Идлиб во кој загинаа 20 лица. Погодена и петкатница, а од урнатините е извлечено едномесечно бебе. Се претпоставува дека станува збор за бебето Хамиде Матук, меѓутоа сѐ уште не е утврдено.
Од урнатините се извлечени тела на седум лица. Родителите на Хамиде Матук сѐ уште не се пронајдени.