Halil Fidan
26 Март 2018•Ажурирај: 27 Март 2018
АФРИН (АА) - ХАЛИЛ ФИДАН/БЕХЧЕТ АЛКАН -
Децата од селото Ал Џавиз, кое припаѓа на сирискиот град Африн, поради присуството на терористичката организација ЈПГ/ПКК не можеа да одат на училиште. Ситуацијата значително се промени со ослободувањето на споменатото село во рамките на операцијата „Маслинова гранка“ и децата по речиси двегодишна пауза се вратија во училишните клупи.

Со помош на Турција се санира и штетата на училиштата направена од терористите. Општината Кечиорен, од Анкара, го обнови училиштето во селото Ал Џавиз, оддалечено пет километри од Африн.
Училиштето кое може да прими 160 ученици доби нови клупи, табли и реквизити за децата. Исто така, на учениците им се подарени училиштен прибор и облека.
По долго време, се огласи и училишното ѕвонче и ги повика учениците на настава. Среќата на нивните лица беше неопислива. Во училишните ходници на паузата одекнуваа детски гласови.

Удај Ибрахим, наставник во училиштето, истакна дека терористите врз луѓето вршеле секаков вид насилство, и дека децата не можеле да одат на училште.
Тој додаде дека веруваат оти лошите денови се минато.
„Како и во многу училишта и тука, децата поради терористичката организација ЈПГ/ПКК веќе две години не одат на училиште. Тука, тие се обидоа да ги учат децата на курдски јазик, а не на арапски јазик, поради што арапското население не сакаше да ги праќа децата на училиште. Освен тоа, она што тие го зборуваа не е точно“, рече Ибрахим.

Тој додаде дека турските сили го ослободиле селото, а државата (Турција) им помогнала во обновувањето на училиштата.
„Речиси од почеток го изградија училиштето. Ги обновија ѕидовите, во дворот направија игралиште. Купени се училиштен прибор и облека. Децата се многу радосни. По долго време се вратија на училиште“, додаде тој.

Ученичката Шејма ал Хасан (11) изјави дека биле многу тажни затоа што не можеле да одат на училиште.
„Ѝ благодариме на Турција што го обнови, што повторно го отвори училиштето и нè спаси од терористите. Две години не можевме да одиме на училиште. Чувствуваме голема потиштеност, но се надеваме дека сега тоа е готово. Сега сме многу среќни“, изјави таа.

Заменик началникот на општината Кечиорен од Анкара, Текин Башер, изјави дека работат на обнова на сите училишта во тоа подрачје. Додаде дека чувствуваат мир бидејќи се сведоци на среќата на децата.
„Овде долго време немало настава. Училиштето беше многу оштетено. Деноноќно работевме и обновивме сè. На децата им донесовме нова облека и училишен прибор. Му благодариме на Бога, денес се огласи ѕвончето и децата повторно ги видоа своите одделенија и соученици. Се надевам дека тука, и секаде, ќе биде многу подобро“, изјави Башер.