Bekim Laci
05 Октомври 2016•Ажурирај: 06 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) – Во Министерството за надворешни работи во Скопје започна еднодневната регионална конференција „Република Македонија – 10 години од ЦЕФТА“, која го одбележува придонесот на земјата во рамките на спроведувањето на програмата со широко влијание, која кореспондира со десетгодишнината од потпишувањето на ЦЕФТА, јавува Anadolu Agency (AA).
Денешниот настан го отворија министерот за економија, Дритон Кучи, кој во својство на домаќин рече дека во последниве години од примената на овој договор, постои силна интеракција со стратегијата на Југоисточна Европа 2020, која обезбедува подобра перспектива за целиот регион.
Според Кучи, цел на договорот ЦЕФТА е да се олесни процесот за пристапување на земјите-членки на ЦЕФТА кон Европската Унија и интензивирање на трговијата на пазарите на ЕУ.
„Во прилог на тоа говори и фактот што во вкупниот извоз на Македонија во светот, во 2015 година, 81 отсто се остварува во земјите на ЕУ, а 12 отсто во земјите на Западен Балкан. Кај увозот, околу 63 отсто е од ЕУ, а околу 10 отсто од земјите на Западен Балкан. Во седумте месеци на оваа година, во споредба со претходната година, остварен е пораст на извозот со земјите на ЦЕФТА од 5,4 отсто и пораст на увозот од 2,9 отсто“, рече Кучи, според кој, од првите дваесет земји со кои Македонија остварува најголема трговска размена, две се од ЦЕФТА – Косово и Србија.
Според Кучи, во рамките на ЦЕФТА постигната е целосна либерализација на трговијата со земјоделски производи, што значи трговија без царини и царински давачки.
Од друга страна, вицепремиерот за европски прашања, Арбр Адеми, во своето обраќање на конференцијата рече дека балканските земји делат заеднички вредности и дека нивната размена ќе овозможи подобра презентација на политичките и економските интереси во големиот европски простор.
„Економската соработка меѓу двете земји од регионот ја зголемува конкурентноста на нашата економија и ја подготвува за справување со притисокот од конкуренцијата во рамките на ЕУ. Следствено, нашето активно учество во телата на ЦЕФТА е во согласност со стратешките приоритети на Владата на Република Македонија за членство во ЕУ“, рече Адеми, додавајќи дека регионалната трговска соработка во рамките на ЦЕФТА е од непроценливо значење, со оглед на тоа што го зголемува вкупниот обем на трговската размена.
На денешната конференција присуствуваат и претставници на дипломатскиот кор во земјата, меѓу кои и амбасадорите на Албанија и Косово, Фатос Рекаи и Улбер Хуса, како и претставници од деловниот сектор.
Настаните како што е овој денес, во Скопје, се одржуваат и во другите земји-членки на ЦЕФТА, со цел да се разгледа нејзината важност како регионална сопственост.
По повод овој јубилеј, во рамките на ЦЕФТА ќе се подготви заедничка брошура „Митови и факти за ЦЕФТА“.