Ekipa
25 Март 2018•Ажурирај: 26 Март 2018
АФРИН/АНКАРА (АА) - МУХАМЕД МИСТО/АДХАМ КАКО -
Новинарот на Anadolu Agency (AA) го сними моментот кога ЈПГ/ПКК, веднаш по ослободувањето во рамките на операцијата „Маслинова гранка“ на селото Мерјемејн во Африн, го погоди засолништето во кое се наоѓаа цивили.
Она што се случи по ослободувањето на село Мерјемејн на 9 март, кое беше ослободено во рамки на операцијата „Маслинова гранка“ која ја започнаа Турските вооружени сили (ТСК) и Слободната сириска војска (ССВ), беше снимено со акционата камера на Хумамед Хаџ Мустафа, новинар кој работи за АА.

Камерата ги сними жените и децата кои седеа на вратата на едно засолниште во зграда која се наоѓа покрај патот на главната улица на селото.
На снимките се слуша како пролетува ракета и експлодира. Новинарот на АА Мустафа, трча кон местото на експлозијата, и со акционата камера почнува да ги снима моментите кога цивилите викаат во засолништето.

Во засолништето покриено со прашина како резултат на експлозијата, околу 30 цивили трчаат без да знаат што да направат. Мајките, барајќи ги своите деца, се обидуваат да откријат кој е повреден или загинат.
Во тој момент, новинарот на АА излегува надвор, ги повикува возилата што се наоѓаат во близина, и почнува да ги евакуира повредените.
На снимките се забележува како во возило ставаат едно повредено девојче.

- Над 10 повредени -
По нападот е откриено дека над 10 жени и деца што се наоѓаа во засолништето се повредени од шрапнели, но дека нема жртви.
„Заедно со Слободната сириска војска (ССВ) снимав во селото откако беше ослободено во рамките на операцијата „Маслинова гранка“. Над мојата глава имав акциона камера „Гопро“. Цивилите што се сокриле во засолништата и домовите, почнаа да излегуваат надвор, откако селото беше ослободено од ССВ и ТСК. Луѓето почнаа да излегуваат надвор за да ги подмират своите потреби. ССВ и Турските вооружени сили (ТСК) им помагаа. Во тие моменти, едно засолниште во селото беше погодено со ракета од типот „Тов“ истрелана од ПКК. Ракетата директно го погоди засолништето. Во него се наоѓаа околу 30 цивили, претежно деца и жени. Голем број цивили се повредени во нападот. Децата беа многу исплашени. Трупите на ССВ со поддршка на ТСК ги упатија амбулантните возила на местото на настанот. Во болницата им е укажано потребното лекување на повредените. Фала богу, немаше жртви“, рече Мустафа, раскажувајќи ги моментите што ги доживеа.
Ајше Хумси е една од повредените во нападот врз засолништето. „Кога започнаа судирите во селото, ние заедно со неколку семејства отидовме во засолништето. Иако бевме исплашени од судирите во селото, никој не беше повреден“, рече за АА Хумси, и додаде дека еден час по завршувањето на судирите биле изложени на напад во моментот кога излегле надвор за да ја поздрават ССВ.
„Одеднаш нè погоди ракета. Многу цивили се повредени во нападот. И јас сум меѓу нив. Имам повреда на носот. Бев пренесена во болницата во Азаз. Фала богу, лесно сум повредена. Ситуацијата е мирна, се надеваме вака ќе продолжи“, рече таа.
Али Мујсер, цивил кој се наоѓал во погоденото засолниште, рече дека за време на судирите во селото влегле во засолништето. „Сите што бевме таму, бевме цивили. Имаше околу 30 лица. Во нападот беа повредени мојата мајка и некои деца“, додаде тој.
Во селото Мерјемејн кое беше цел на терористите живеат околу 10.000 цивили, од кои повеќето се Арапи.