Seyit Ahmet Aytaç
25 Март 2018•Ажурирај: 25 Март 2018
ВАРНА (АА) - Утре во Варна, Бугарија, ќе се одржи самит помеѓу Турција и Европската Унија (ЕУ) под раководство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Европската комисија, Жан Клод-Јункер, јавува Anadolu Agency (AA).
Анкара од ЕУ очекува известување во однос на договорот за Царинската унија, за визната либерализација, како и интензивирање на финансиската помош за Сирија и конкретни чекори за борбата против тероризмот.
Турција, исто така, очекува од ЕУ да покаже поконструктивен став во однос на довербата. Брисел вели дека ги разгледува разликите меѓу двете страни, самитот нема да биде 'лесен' и има за цел 'зајакнување на односите'.
Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, ќе биде домаќин на самитот како претседател на Советот на ЕУ.
Самитот ќе започне во 19.00 часот по локално време и се очекува да трае најмалку два часа. По состанокот ќе се одржи заедничка прес-конференција.
За време на самитот ќе се дискутира за прашања поврзани со односите меѓу Турција и ЕУ, економијата, трговијата, борбата против тероризмот, за надворешната политика, Палестина, Балканот, Сирија, за Аракан, Ирак, Либија како и за регионални прашања.
Првиот самит на лидерите беше одржан во октомври 2015 година. Овогодинешниот самит ќе биде четвртиот состанок на лидерите меѓу двете страни.