Admir Fazlagic
27 Септември 2016•Ажурирај: 28 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија ќе биде домаќин на Петнаесетата есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), што ќе се одржи од 29 септември до 2 октомври 2016 година во Скопје. Потпретседателката на Собранието на Република Македонија и шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ, Рената Дескоска, одржа прес-конференција на која информираше за сите важни детали поврзани со овој настан, јавува Anadolu Agency (AA).
Дескоска најави дека на сесијата се очекува учество на делегации од 51 земја, учеснички во ОБСЕ од Европа, Централна Азија и Северна Америка, како и од земји партнери за соработка на ОБСЕ, како и дека досега се пријавени 370 учесници од кои 220 се пратеници. Потпретседателката на Собранието на Република Македонија, Дескоска, потсети и дека Есенската сесија на ПС на ОБСЕ претставува најголемиот меѓународен парламентарен настан организиран во историјата на Македонија.
„Есенските сесии на Парламентарното собрание се организираат со цел зацврстување на интерпарламентарниот дијалог за значајни и актуелни теми, поврзани со обврските и вредностите на ОБСЕ. Работниот дел на сесијата ќе трае два и пол дена и се состои од седница на Постојаниот комитет, Парламентарна конференција на тема: Зајакнување на мерките за градење на доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ" и Медитерански форум", изјави Дескоска, додавајќи дека на свеченото отворање кое ќе се одржи на 30 септември во 15 часот, меѓу другите ќе се обрати и Кристин Мутонен, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ.
На есенската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Дескоска најави дека се очекува присуство на генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, кој ќе има свое обраќање на Седницата на Постојаниот комитет на 1 октомври 2016 година.
Меѓу другото, Дескоска информираше дека во рамките на парламентарната конференција „Зајакнување на мерките за градење на доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ" ќе се одржат три работни сесии.
„Тема на дискусијата на првата сесија е „Доброто владеење како основа за поттикнување на економскиот развој во регионот на ОБСЕ", втората работна сесија е на тема „Развој на демократските институции и човековите права во Југоисточна Европа: Улогата на ОБСЕ", ќе биде одржана тркалезна маса со шефовите на Мисиите на ОБСЕ во регионот. Тема на третата сесија ќе биде „Подобрување на управувањето со меѓународната миграција, врз основа на човековите права".
Осврнувајќи се на важноста на одржувањето на ПС на ОБСЕ во Македонија, Дескоска истакна дека во рамките на настанот ќе се дебатира за теми кои се од особено значење за Македонија
„Со оглед на тоа што ПС ОБСЕ претставува форум за зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ поврзани со политичките, безбедносните и економските прашања, како и прашањата за човековите права и животната средина, за Република Македонија е од особено значење што токму овде ќе се дебатира за овие значајни прашања", истакна потпретседателката на Собранието Дескоска.
Исто така, таа додаде дека имајќи предвид што една од главните цели на ПС ОБСЕ е поддршка на јакнењето и консолидацијата на демократските институции во земјите учеснички, уште поголем е предизвикот да се биде домаќин на оваа Есенска сесија.
Инаку, на Парламентарната конференција на тема „Зајакнување на мерките за градење на доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ" , според програмата, предвидено е специјално обраќање на министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу.
Парламентарно собрание на ОБСЕ ја претставува парламентарната димензија на ОБСЕ. Во него членуваат 323 членови на парламентите од 57 држави учеснички во ОБСЕ, што ја покриваат географската област од Ванкувер до Владивосток. Тоа е единствената парламентарна организација во структурата на претставниците кои се директно избрани од граѓаните.