СКОПЈЕ (АА) - Бесар Адеми - Адмир Фазлагиќ
Новоизбраниот претседател на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, во интервју за Anadolu Agency (AA) вели дека е свесен за тежината и за околностите во коишто ќе треба да работи, и во тој контекст, психолошки, функционално и професионално е подготвен да се справи со сите околности што го чекаат во текот на работата. Џафери истакна дека е подготвен да ги води седниците во Собранието на македонски и на албански јазик, напоменувајќи дека тоа го пропишува Уставот и го овозможуваат законите.
Во интервјуто, прeтседателот на Собранието, Џафери, потсетува на седницата на која е избран за претседател на Собранието на Република Македонија, на 27 април, по што следуваа насилните настани во зградата на законодавниот дом, кога граѓаните кои протестираа, предводени од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, насилно влегоа во зградата на Собранието и нападнаа пратеници, претставници на медиумите, како и дел од полицијата.
Според Џафери, насилните настани во Собранието ќе остават големи негативни траги во политичкиот живот во Република Македонија. Тој смета дека самиот насилен настан претставува огромна дамка за демократските капацитети во Република Македонија, и ќе треба да се вложи многу труд и напор за да биде поправена таа перцепција, во контекст на односите со како што рече, меѓународните пријатели, а повеќе и поради потребата демократијата и перцепцијата за демократските вредности да бидат вратени во мислите на граѓаните на Република Македонија.
„Факт е дека дел од пратениците беа загрозени, и животно загрозени, имајќи предвид дека неколкумина беа физички тешко повредени, исто така беа повредени дел од претставниците на медиумите, полицијата и граѓаните. Настојувам тоа колку што може побргу да остане зад нас, но да ни служи како поука да преземеме мерки и активности тоа да не се повтори никогаш повеќе“, истакнува Џафери.
Тој вели дека без оглед во атмосферата во која е избран, неговиот избор е резултат на волјата на мнозинството кое, како што вели, произлегува од законските и уставните определби, дека чинот на избор на претседател на Собранието треба да ја рефлектира волјата на мнозинството во Собранието. Истакнува дека таа волја е рефлектирана, докажана и е постоечка, како и дека не постои релевантна причина со која може да се оспори неговиот избор.
„Не беа прифатени, беа изманипулирани, одбиени сите процедурални барања на мнозинството да се постапи и да се овозможи во нормални услови мнозинството легално да си го оствари своето право, но со однесувањето на сега веќе опозицијата, се попречуваше исполнувањето на волјата на мнозинството. Во демократски општества е недозволиво да се попречува волјата на мнозинството. Мнозинството има обврска да преземе мерки и активности за да ја искаже својата волја и во тој контекст се одлучи, онака како што се одлучи на 27 април, да се премине на следната точка за избор на претседател на Собранието, и во тој контекст нема никаков проблем и не може ништо да се оспори“, смета Џафери.
- „Мојот однос кон политичките партии во Собранието ќе биде инклузивен"
Во контекст на инклузивноста на сите политички партии што се застапени во Собранието на Република Македонија, новоизбраниот собраниски спикер, Џафери, вели дека неговиот однос кон пратениците ќе биде еднаков, без оглед на личните ставови, и дека ќе се раководи од колективната обврска што му е доделена.
„Мојот анганжман и мојот однос кон политичките партии што се застапени во Парламентот ќе биде еднаков, без оглед на личната перцепција за настаните од 27 април. Затоа самата функција претседател на Собранието бара од мене, а јас тоа ќе го исполнам, да се издигнам над себеси, во смисла на личното доживување, и личните нешта да ги оставам настрана и да се раководам од колективната обврска, односно од обврската на функцијата претседател на Собранието, затоа што како носител на таа фунцкија, покрај личноста Талат Џафери јас сум претседател на Собранието, треба да ги обединувам двете мои карактеристики за да можам Собранието да го водам инклузивно, без оглед на она што се случило, во смисла на вмешаноста и инкриминираноста на дел од пратениците во настаните. Затоа што, тоа не е моја обврска јас да го искажам, има соодветни процедури во парламентарниот живот за да се докаже и да се делува спрема оние што се огрешиле со дејствијата во однос кон другите пратеници, во она што значи да се биде пратеник“, истакнува Џафери.
Тој вели дека процедурите предвидуваат можност да се започне соодветна постапка за политичка одговност на тие пратеници кои биле инкриминирани во насилните настани во Собранието со своето постапување внатре во објектот и доколку има предуслови за кривична одговорност, без оглед на тоа што се пратеници и носители на функциите, и пратениците се одговорни од кривично-правен аспект и не се над законите.
„Во секој случај, има процедура што ќе си навлезе во докажувањето на евентуална политичка, односно кривична одговорност. Собранието не може да расправа за кривично-правни можни одговорности на пратениците, може да расправа само за политичката одговорност, а на другите институции што имаат надлежности во контекст на нивните надлежности, јас како претседател на Собранието ќе им овозможам да ги извршуваат своите надлежности во контекст на комуницирањето со пратениците во тој аспект. Јас имам и законска обврска да овозможам државните органи да можат да ги исполнуваат своите надлежности по однос на дејствијата што треба да ги преземаат, вклучувајќи ги и пратениците“, додаде Џафери.
Претседателот на Собранието, Џафери, не ја исклучува можноста претседателот Иванов да одбие да му го врачи мандатот на лидерот на СДСМ. Тој истакнува дека ниту недоделувањето на мандадот од страна на претседателот, според прописите и Уставот, не е пречка парламентарното мнозинство да ја продолжи седницата за избор на Владата.
„За парламентарната практика не би било добро шефот на државата да не ја исполни својата обврска, бидејќи тоа би била лоша парламентарна практика во иднина, затоа што со таа практика би овозможил и идните претседатели да бидат во можност да искористат таквата практика“, рече Џафери.
- „Следната седница ќе биде за избор на Владата"
Меѓу другото, во разговорот за АА, Џафери најавува дека следната седница ќе биде за избор на новата влада, истакнувајќи дека во најкраток можен рок ќе се свика седницата, но дека тоа зависи од предвидените рокови.
„Следната седница ќе биде седница за избор на Влада, а таа не може да се закаже без да се има соодветен материјал како предлог-програма и како предлог-состав за владата. Затоа што од моментот кога ќе го добијам материјалот од мандатарот, стапува на сила обврската, односно роковите за свикување на седницата, којашто според деловникот, во рок од 15 дена мора да се одржи. Тоа значи дека не мора да се чека сите 15 дена, но морам да го испочитувам оптималното време од три дена, за можноста пратениците да го проучат материјалот и да имаат можност се подготват за дебата на истата седница. Во тој контекст, немам потреба да го чекам крајниот рок од 15 дена, па да свикам седница. Во најкраток можен рок ќе се свика седницата, но сето тоа зависи од роковите“, рече претседателот на Собранието, Џафери.
- „Свесен сум и подготвен за околностите во работата"
Џафери истакнува дека и во моментот кога бил номиниран за кандидат за претседател на Собранието, имајќи го предвид неговото претходно искуство во Парламентот, односно веќе мандат како пратеник во Собранието, бил свесен, но истовремено и подготвен за околностите и тежината на работата што треба да ја извршува.
„Бев и сум свесен за тежината и за околностите во коишто ќе треба да работам. Во тој контекст, и психолошки, и функционално, и професионално сум подготвен да се справам со сите околности што ме чекаат во текот на работата и без оглед на односите, во смисла на политички одлуки на политичките партии. Тоа се нивни права, во смисла на одлуки што имаат право да ги носат. Сметам дека ќе рефлектираат сите политички партии во смисла на она што се државни интереси на Република Македонија и во тој контекст ќе настојувам да ги сплотам сите политички сили, за да најдеме заеднички јазик за сите оние работи што се заеднички за сите нас“, вели Џафери.
Осврнувајќи се на реакциите за неговиот избор на претседател на Собранието, од страна на партијата ВМРО-ДПМНЕ, тој вели дека нема аргумент за несоработка со него, од аспект на извршувањето на неговата функција претседател на Собранието на Република Македонија.
„Во контекст на комуникацијата, ниту ВМРО-ДПМНЕ, кој е најголемиот противник и оспорувач на мојот мандат, во крајна истанца нема аргументи за несоработка со мене, од причина што претходно во други услови од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како тогашно мнозинство, јас сум бил избран за министер за одбрана, и во тој котекст нема аргумент за оспорување на моите професионални и функционални капацитети и, но од политички аспект, нивно право е да делуваат онака како што ќе делуваат, како политички субјект“, објаснува Џафери.
- „Подготвен сум да ги водам седниците на двата јазика“
Во врска со употреба на јазикот при водењето на собраниските седници, новоизбраниот собраниски спикер вели дека е подготвен да ги води седниците на двата јазика, македонски и албански, бидејќи, како што истакнува, тоа му го овозможува Уставот и законите.
„Јас мислам дека сум поготвен да го водам на двата службени јазика во Република Македонија. Тоа Уставот го пропишува, законите го овозможуваат, тоа се албанскиот и македонскиот, во комбинација, во смисла на она што е колегијалност, во она што може да се обратам до пратениците и за она што е официјално потреба да се води седницата“, вели Џафери.
- „Лично, немам проблем со чиј било јазик“
Говорејќи за начинот на работење на Собранието и водењето на собраниските седници, од аспект на унапредување на употребата на јазиците на етничките заедници чии пратеници се дел од Собранието на Република Македонија, Џафери вели дека лично за него не би претставувало проблем да се обрати на јазик на којшто би побарале пратениците, но укажува на тоа дека пратениците од помалкубројните етнички заедници ова прашање треба да го решат со своите коалициски партнери.
„Лично, немам проблем со чиј било јазик, култура и припадност. Припадниците на помалите заедници треба тоа прашање да го решат во коалициите, таму каде што коалицираат политички. Доколку имаат таква согласност, јас немам никаков проблем тоа да го овозможам на секој од нив, но тоа ќе треба политички да го решат таму каде што се, во коалициите. Едни се во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, други се во коалиција со СДСМ, и во тој котекст, доколку тие имаат таква согласност внатре во коалицијата каде што се, за мене како претседател на Собранито, ни во најмала рака не ми паѓа на памет некому да оспорам некакво право што му припаѓа“, вели Џафери.
- „Никој не треба да се плаши од тоа што Собранието ќе го предводи Албанец"
Во историјата на независноста на Република Македонија, Талат Џафери е првиот Албанец кој ќе ја извршува една од трите највисоки државни функции. За овој избор, Џафери вели дека тоа е политичка придобивка во однос на перцепцијата на колективниот статус на Албанците во Македонија.
„Придобивката е во тоа што се потврдува способноста и можноста на Албанците во Македонија, покрај другите граѓани кои ја имаат соодветната интелектуална, ментална, институционална и професионална способност да управуваат и предводат со највисоките органи или со највисоките државни институции, што е човеково право за еднакви можности во пристапот до институциите“, смета Џафери.
Џафери, земајќи го за пример неговиот избор за министер за одбрана во 2013 година, чин кој беше проследен со насилни протести, а по истекот на мандатот имаше пофалби за успешното вршење на функцијата, изјави дека ниту еден граѓанин не треба да се плаши од фактот што Парламентот ќе биде предводен од Албанец.
„Резултатот од управување со Министерството за одбрана, на крајот излезе со позитивна перцепција на сите граѓани, и од таа причина мислам дека овој лажен и наметнат страв на дел од граѓаните, на почетокот од вршењето на функцијата претседател на парламентот полека ќе згасне, кога ќе видат дека Собранието нема да оди ниту во Тирана, ниту ќе биде пренесено во Приштина, ниту ќе биде тунгузиски парламент, туку ќе биде Собрание на Република Македонија, со сите прописи, само во Македонија“, рече Џафери.
- Соработката со парламентите во регионот
Во разговорот, Џафери се осврнува и на потребата за соработка со парламентите на соседните земји и на земјите во регионот, велејќи дека парламентаризмот бара да постои добра соработка меѓу парламентите и таквата соработка е олеснувач и во дипломатските процедури меѓу земјите.
„Немам никаква пречка да соработувам со кој било од парламентите во соседството, затоа што парламентаризмот тоа и го бара од нас. Парламентарната дипломатија е олеснувач на другите дипломатски процедури и постапки за другите институции да можат да стапат во меѓусебен конктакт. Полесно е пратениците да комуницираат затоа што се директни избраници на граѓаните, и затоа мислам дека нема никаква пречка да соработувам со кој било парламент“, рече Џафери.
Во врска со поканата Џафери да ја посети Албанија, упатена од страна на претседателот на Собранието на Албанија, Илир Мета, новиот претседател на Собранието на Република Македонија потенцира дека посетата ќе придонесе за градење на односите меѓу двете земји, но рече дека ќе се реализира по формирањето на новата влада на Македонија, бидејќи според него, за време на изборот на владата тој мора да биде присутен во земјата.
- Обвиненија за мешање на Албанија во внатрешните работи на Македонија
Обвинувањата кон Албанија за мешање во внатрешните работи на Македонија, Џафери ги смета за пропаганда од политичките субјекти во Македонија, бидејќи, како што вели тој, противниците на политичкиот процес во Македонија немале друг аргумент освен да создаваат непостоечки ризици.
„Двете држави немаат меѓусебно отворени прашања кои им прават проблем. Во однос на ова, мислам дека таквата посета ќе биде само градење на добрите односи кои ги имаат овие две земји и двата народа, без оглед на тесните импликации на дневната политика во смисла на она што се пропагира во последниве месеци на протестите во Македонија, но тоа не придонесе и не влијаеше на вистинските односи на двете земји, односно на двата народа“, рече Џафери.
- „САД и ЕУ покажаа дека се определени да ѝ помогнат на Македонија“
Изборот на Џафери за нов претседател на Собранието на Република Македонија од страна на парламентарното мнозинство на 27 април, го поздравија претставниците на меѓународната заедница, пред сѐ САД, ЕУ и НАТО, и истовремено ги осудија насилните настани кои следуваа во Собранието по неговиот избор. Џафери вели дека со ваквите реакции, САД и ЕУ ја потврдија својата определба да продолжат да ѝ помагаат на Македонија за членството во евроатланските интеграции.
„Во секој случај, реакцијата на меѓународната заедница, особено на САД и ЕУ, е потврда уште еднаш дека таа заедница е определена да продолжи да ѝ помага на Македонија и на граѓаните на Македонија во евроатланските интеграции и да продолжи со тој процес. Фактот што ова мнозинство се определило на ваков начин на работење да навлезе во реализација на реформскиот процес којшто произлегува од извештајот на Прибе од 2015 година е симбиоза на сите меѓусебни актвности на Република Македонија со меѓународната заедница, за да се исполнат сите оние предуслови за да станеме полноправна членка на евроатланските струкури“, смета собранискиот спикер Џафери.
- „Искажување на личното чувство не може да биде пречка“
Во однос на реакциите поради објавената фотографија од неговиот кабинет, на која се гледа знамето на Албанија, Џафери е со став дека искажувањето на личните чувства не може да биде пречка и проблем за другиот, кој исто така инсистира да го докаже и да го искаже своето чувство на припадност. Според него, на тој начин не се загрозува институцијата.
„Никој нема право некому да му оспори чувството на припадност и тоа да го искаже онака како што може да го искаже. Затоа што искажувањето на припадноста според тоа не го загрозува она што е институционално. Може да се види и во кабинетот дека институционално, она што е инсистуцијата е застапено таму каде што му е местото, онака како што доликува да биде застапено и стои тука. Она што е искажување на моето лично чувство на припадност таму каде што припаѓам е мое право, без оглед и да сум претседател на Собранието. Јас сум човекот, индивидуа, Талат Џафери, припадник на албанскиот народ, и тоа не може да го попречи никој, да го искажам како такво, затоа што со ништо не го загрозувам она што е припадност на институцијата, во контекст на државна институција. Моето искажување на чувството на припадност не го загрозува чувството на припадност на другите граѓани припадници на другите националности“, објаснува Џафери.
- „Од сите етнички заедници е искажана поддршката за мојот избор"
Џафери изразува уверување дека е личност во која граѓаните од сите етнички заедници имаат доверба бидејќи својата професионалност и посветеност ја докажал во својата досегашна политичка кариера.
„Граѓаните ми испраќаа пораки на поддршка на мојот избор, без оглед на нивната етничка припадност. Од сите етнички заедници ја искажаа поддршката во однос на мојот избор, затоа што од претходното искуство веруваат дека ќе го направам она што го зборувам и кажувам. Впрочем, тие се убедени дека ќе биде така, оти тоа сум го докажал во функциите што сум ги имал досега", истакнува Џафери.
- „Односите меѓу Македонија и Турција се на највисоко можно ниво"
Џафери, зборувајќи и за односите на Македонија со соседните земји и пошироко, рече дека односите со Турција смета дека се на највисоко можно ниво, но не гледа причина тие односи да не продолжат и понатаму.
„Мислам дека не постои ниту една меѓународна институционална бариера, која би ги спречила и негативно би влијаела на нашите односи. Во таа смисла, и како Собрание, но и јас како претседател, ќе направиме напори тоа ниво на соработка да го зачуваме и да ја кренеме и повисоко ниво со пријателската држава Турција и турскиот народ“, рече Џафери, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери во интервјуто за Anadolu Agency (AA).
news_share_descriptionsubscription_contact
