Şerife Çetin
13 Февруари 2019•Ажурирај: 13 Февруари 2019
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на Северноатлантскиот сојуз (НАТО), Јенс Столтенберг, ја повика Руската Федерација да продолжи да ги почитува одредбите од Договорот за елиминација на нуклеарните проектили од краток и среден дострел (INF), јавува Anadolu Agency (AA).
Министрите за одбрана на членките на НАТО денес го започнаа дводневното заседание во Брисел, а челникот на таа организација, Столтенберг, за новинарите изјави дека безбедносните прашања ќе доминираат на заседанието.
Тој изјави дека на дневен ред ќе биде и американско-рускиот Договор за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ) од кој неодамна се повлекоа САД, а потоа и Русија.
„И понатаму ќе ја повикуваме Русија да продолжи да ги почитува одредбите од Договорот ИНФ“, порача Столтенберг и додаде дека за тоа и лично ќе разговара со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, на маргините на Безбедносната конференција во Минхен.
На заседанието на министрите во седиштето на НАТО во Брисел по прв пат како поканета земја учествува и Македонија, а на дневен ред ќе биде и анализата на состојбата во врска со мисиите на таа организација во Авганистан, Ирак и Косово.