Ivana Ramadanova
01 Јуни 2016•Ажурирај: 02 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација денеска излегоа на протест пред Министерството за правда преку кој бараат зголемување на додатоците на плата за 35 проценти исто како што тоа е предвидено кај судиите, јавните обвинители и јавнообвинителските службеници, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од синдикатот велат дека од денес вработените во судската администрација, кои изминатите 10-тина дена протестираа во кругот на судовите, своето незадоволство ќе го искажат пред Министерството за правда, додавајќи дека се подготвени да штрајкуваат се додека не се испонат нивните барања.
„Министре дојдовме да ве потестиме дека дојдовме да бараме решение. Поминаа шест дена откако им понудивме спогодба која нуди решение и за синдикатот и за власта, меѓутоа се определија да не игнорираат до денес и како резултат на револтот дојде иницијативата од скопските судови да дојдеме тука за да не слушнат уште еднаш. Револтот се повеќе расте кај нашите членови особено после барањето на списоците со оние кој штрајкуваат, што е виден притисок за да се скрши отпорот", изјави претседателот на УПОЗ, Пеце Грујовски.
Протестот на судската админстрација беше активиран на 18 мај откако не беше исполнето нивното барање за кое беше постигнат договор на состанок во Министерството за правда. Според УПОЗ, причината за тоа се двете писма кои до Владата ги испратил поранешниот претседател на Судскиот буџетски совет. Во едното од нив, како што велат од УПОЗ, тој побарал исплата на додатоците на плата, а потоа испратил уште едно писмо во кое дал политички квалификации на штрајкот и на Синдикатот.
Синдикатот на УПОЗ обвини дека се врши притисок врз вработените во судовите и од страна на новиот претседател на Судскиот буџетски совет Зоран Караџовски. Претставниците на УПОЗ посочија дека и на јавните обвинители и јавнообвинителските службеници само еден месец им се исплатиле зголемените додатоци на плата, а повеќе не им се исплаќаат, иако тоа е предвидено согласно закон.
Од петок судовите нема да издаваат уверенија со печат, а од понеделник нема да се работат постапките за обезбедување на докази.