Ivana Ramadanova
18 Ноември 2016•Ажурирај: 19 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Специјалното јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО), на денешната прес-конференција отвори нова истрага наречена „Таргет“, јавува Anadolu Agency (AA).
Од СЈО соопштија дека се осомничени повеќе лица од Управата за безбедност и контраразузнавање, дека во периодот од 2008 до 2015 година незаконски следеле најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби, меѓу кои освен политичари и бизнисмени и новинари.
„Според доказите, првоосомничениот, кој бил на раководна позиција во УБК, пристапувал кон слушање на броевите што биле и на негови блиски соработници, како и на новинари, политичари и бизнисмени. Доказите упатуваат на сомнение дека преку системите за следење на комуникациите на УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени најмалку 4.286 телефонски броеви. За овие броеви воопшто не била издадена судска наредба за нивно следење“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.
Фетаи додава дека комуникацијата на телефонските броеви била следена и пред и по издавањето на судската наредба на најмалку 1.541 телефонски број, додавајќи дека првоосомничениот од УБК давал наредби за внесување на телефонски броеви во системот за следење на бизнисмени, политичари и новинари.
„Третоосомничената, како вработена во сектор на УБК, проследувала телефонски броеви за следење без судски налог. Останатите осомничени вршеле транскрибирање на прислушуваните разговори. Ваквите дејствија биле забележани од лице вработено во УБК, кое прибавило дел од транскриптите и дел од аудиозаписите од незаконски следените комуникации. Тој ги предава на друго лице, а тој на трето, кое ги предало на лидерот на една политичка партија“, додаде Фетаи.
Според неа, второосомничениот го организирал и го координирал незаконското следење на комуникациите, при што од неговиот компјутер ги внесувал и ги слушал телефонските разговори за кои не постоеле судски наредби. Останатите осомничени се товарат дека внесувале броеви за следење по налог на второосомничениот, а без судски наредби.
Јавната обвинителка Ленче Ристовска, одговарајќи на новинарско прашање потврди дека СЈО не поседува докази дека во незаконското прислушување на телекомуникациите за одредениот период се вмешани странски служби и жолтите комбиња.
Таа исто така додаде дека сѐ уште ги нема добиено бараните податоци од еден телефонски оператор во врска со истрагата, и како што рече, во интерес на истрагата нема да го открие неговото име.
Специјалното јавно обвинителство досега покрена истраги за случаите: „Тортура“, „Титаник“, „Транспортер“, „ТНТ“, „Тврдина“, „Трезор“ „Топлик“ и „Тендери“.