Ivana Ramadanova
15 Март 2016•Ажурирај: 16 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Катица Јанева денес до Собранието на Република Македонија и Советот на јавните обвинители го достави Извештајот за активностите на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за период од шест месеци, јавува Anadolu Agency (AA).
Извештајот претставува отчет до Собранието и Советот на јавните обвинители и во него станува збор за досегашните активности како и постигнатиот напредок во започнатите истраги.
Покрај тоа во извештајниот период се запишани вкупно 120 предмети. Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите-прислушкувањето, испитувањето на изборните нерегуларности, како и незаконитостите во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службената положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи.
Во извештајот Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, најавува дека во најскоро време може да се очекуваат и првите обвиненија, анализирајќи дека во овој период се започнати многу предистражни постапки, од кои дел се во поодмината фаза, а дел поминале и во фаза на истрага.
„Во следниот шестмесечен период во фокусот на работата ќе бидат отворените предистражни постапки, отворените истраги, како и преслушувањето на материјалите, при што ќе бидат издвоени приватните разговори а акцент ќе биде ставен на детектирање на можни криминални активности, имајќи ги в предвид законските одредби и јавниот интерес на Република Македонија“, најавува Јанева.
Јанева информира дека на 30-ти декември од партијата СДСМ им доставиле еден хард диск и шест кутии со транскрипти во печатена форма коишто по приемот се сместени во сигурносни сефови кои ги исполнуваат безбедносните стандарди за чување на ваков вид материјали.
На екстерниот хард диск се содржани вкупно 546.948 фајлови, од кои 540.646 се аудио фајлови и 6.302 фајлови се со различен формат (word, excel, PDF и други).
Во печатена форма доставени биле вкупно 23 (дваесет и три) спирално вкоричени книги со вкупно 18.155 страници, на кои се содржани вкупно 119.088 транскрипти од разговори и СМС пораки. Доставени се и вкупно 1.828 листови со испечатен текст кои не биле нумерирани, а кои Комисијата ги нумерирала со бројки од 1 до 1828.
„Од страна на комисијата за констатираната состојба беше изготвен Записник во кој детално се евидентирани примените материјали, кој записник е составен на 619 страни“, соопштуваат од СЈО.
Обвинителството за овој период од вкупно 63.420.428 денари одобрен буџет, потрошило 13.542.671 денари или 21,4 отсто од одобрените средства. До моментот на изготвувањето на овој Извештај, од одобрените средства за 2016 година потрошени се 8.282.240 денари.
На крајот од Извештајот Јанева ветува дека ова Обвинителство секогаш ќе се раководи од принципот на еднаквост на граѓаните и дека неговата цел е спроведување на правдата.