Ivana Ramadanova
29 Јуни 2017•Ажурирај: 30 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) денеска одржа прес-конференција, на којашто беше соопштено за кои предмети ќе бидат поднесени обвиненија, јавува Anadolu Agency (AA).
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во денешното свое обраќање пред новинарите најави дека очекува сите обвиненија да се процесуираат во итна постапка и притоа ќе се бара притвор за поголемиот дел од обвинетите.
„Од страна на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО), ќе бидат поднесени 17 обвиненија за 18 предмети, против вкупно 94 физички лица и седум правни лица. Специјалното обвинителство ќе бара притвор за 18 лица, меѓу кои и за претседателот на една политичка партија“, информираше специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на денешната прес-конференција, еден ден пред истекот на рокот за подигнување обвиненија од страна на СЈО.
Јанева пред присутните истакна дека и покрај краткиот временски период што СЈО го имаше за истражување и докажување, постои обемна документација и доказен материјал, и додаде дека цврсто ќе застанат пред судот, бидејќи има оправданост на обвиненијата.
Во врска со случајот „Талир“, за незаконско финансирање на една политичка партија, Јанева истакна дека нема обвинение, но истрагата и понатаму ќе продолжи, истакнувајќи дека временските рокови не биле доволни за СЈО да ја заврши истрагата за овој случај.
Од Специјалното јавно обвинителство информираа дека во текот на овие два дена предметите во дваесетина кутии со докази ќе бидат однесени во скопскиот Кривичен суд.
Специјалното јавно обвинителство досега подигна три обвиненија коишто се однесуваат на незаконско уништување документација од системите на прислушување, за насилството во општина Центар и за предметот „Транспортер“. СЈО досега ги објави и истрагите „Титаник“, „Таргет“, „Топлик“, „Тендери“, „Тарифа“, „Труст“, „Табла“, „Триста“, „Тотал“, „Тифани“, „Тревник“, „Талир“.