Nilay Kar
31 Јануари 2018•Ажурирај: 31 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Претседателите на Турција и Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин, денес телефонски разговараа во врска со собирот за Сирија одржан во Сочи, за тековната операција „Маслинова гранка“ во Сирија, под водство на Турција, како и за други неодамнешни случувања во врска со Сирија, вклучително и Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
„Исходот од Kонгресoт за сириски национален дијалог во Сочи претставува значајно достигнување и покрај проблемите“, истакнаа во текот на разговорот турскиот претседател Ердоган и рускиот претседател Путин.
На конгресот, во рускиот град Сочи, кој се одржуваше вчера и завчера, присуствуваа претставници од Сирија и од државите-гаранти Русија, Иран и Турција, и беше прифатен предлогот за формирање на уставен комитет.
Страните на дводневниот конгрес во завршната декларација истакнаа дека сакаат што поскоро да завршат судирите во регионот и побараа меѓународна помош за таа цел.
Во Сирија владее граѓанска војна од почетокот на 2011 година, кога режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад ги разби продемократските протести со неочекувана свирепост.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со правото на Турција засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) т.е 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во јули 2012 година, без борба им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК.
Африн стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и ЕУ. ПКК уште од средината на 1980-тите години спроведува терористичка кампања против Турција.